Дамјан Цингарски и Бошко Јелиќ ќе одржат семинар во Базел-Швајцарија

Следниот викенд, од 20 до 22 јануари 2023, нашиот истакнат аикидо мајстор Дамјан Цингарски, ќе одржи семинар во Базел, Швајцарија. Семинарот ќе го води заедно со Бошко Јелиќ (5-ти дdан) од Србија.

Претстојниот семинар во Базел, не е прв што Цингарски сенсеи го одржува надвор од Македонија. Тој како учител има гостувано во неколку земји – Србија, Бугарија, Швајцарија и Украина, а како учесник на семинари, со импозантна бројка од над 150 посетени семинари, го има пропатувано половина свет, од кои два пати и во центарот на аикидото – Токио, Јапонија. Освен тоа, Цингарски сенсеи има направено и бројни демострации на вештината аикидо кај нас и во странство, од кои посебно може да се издвои демонстрацијата во 2019 г. пред Мицутеру Уешиба (правнук на основачот Морихеј Уешиба и прв човек на Хомбу доџо во Токио) во Будимпешта, Унгарија.

Македонската аикидо федерација- Аикикаи Македонија редовно организира семинарии во нашава земја, со домашни но и со светски уважени аикидо мајстори. Во моментов брои 5 клуба од кои 3 во Скопје, еден во Велес и еден во Охрид (два дополнителни клуба во Куманово и Скопје се во мирување заради последиците од пандемијата со Ковид-19).

Дамјан Цингарски се занимава со аикидо од 2000-та, носител е на 4-ти дан (степен), и го води клубот „Хенбо“ во Скопје (www.henbo.com.mk). Од 2006-тата година е претседател на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија. Со неговите заложби, Македонската аикидо федерација во 2020-та година беше признаена од Светскиот центар за аикидо – Аикикаи фондацијата во Токио, Јапонија (Хомбу доџо). Како таква, таа е сертифицирана организација за подучување аикидо и единствена во Македонија за самостојно одржување испити за степени кои ги верификува Светскиот аикидо центар.

Аикидо е боречка вештина која не служи за натпреварување, туку за личен развој. Натпревари не се одржуваат поради природата на вештината во која вежбањето претпоставува вистинска борба без правила за забранети зафати удари или слично. Од друга страна, ненатпреварувачкиот карактер се должи и на идеолошката основа врз која аикидото е создадено од основачот Морихеј Уешиба во првата половина на 20-тиот век во Јапонија, а тоа е ненасилноста и мирот како цел на вештината. Оттаму и името на оваа вештина која слободно може да се преведе како Вештина за ускладување на енергиите, т.е. Патот кон мирното разрешување на конфликти.

Повеќе информации на веб страницата на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија www.aikido.mk

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО