За легендата на македонското карате Димче Кичевски на 15 април ќе се одржи првиот меморијален турнир

 

На 15 април во Скопје ќе се одржи првиот Меморијален карате турнир „Димче Кичевски“ во организација на Карате клубот Скопје.

Турнирот ќе се одржи во ОУ „Круме Кепески“ во Скопје и е за кадети и јуниори.

Димче Кичевски е легенда на македонското карате и каратист на 20 век во Република Македонија.

Кој е Димче Кичевски

Димче Кичевски е роден на 1950 година во Крешево (Босна и Херцеговина) и до својата десетта година живее и учи во Словенија, каде што ги прави првите чекори во спортот вежбајќи гимнастика четири години. По потекло е од Бегниште, Кавадарци. Потоа се враќа во Скопје, каде го продолжува своето образование, но ги продолжува и спортските активности, како пионер во школата на ФК Вардар. Во 1965 година го напушта фудбалот и од тогаш е посветен на боречките спортови.

Димче Кичевски е носител на мајсторски карате појас 6-ти дан. Тој е основач и главен тренер на КК Водно од Скопје. Селектор е на сениорската карате репрезентација на Македонија во спортска борба и е поранешен претседател на Македонската карате федерација. Кичевски е повеќекратен републички и југословенски шампион,балкански првак и носител на бронзен медал од Европското првенство за сениори.

Неговиот несмален ентузијазам и самопрегор е предвесник на карате спортот во Македонија (Кичевски е еден од основачите). Цели 48 години (1967-2015) активно учествува во развојот, унапредувањето и афирмацијата на овој спорт во нашата држава и тоа како натпреварувач, тренер, селектор и спортски работник (претседател на Македонската карате федерација, делегат од Македонија во Претседателството и Конференцијата на Карате сојузот на Југославија (1971-1991), делегат од Македонија во Светската карате федерација (1992 – 2000). Претседател на Градски карате сојуз).

Од 1998 година активно е вклучен и во активностите, развојот и успесите на кик бокс спортот во Македонија.

Кичевски е еден од основачите на синонимот за спорт во Македонија, КК Вардар. Во 1973 год. на шестото Државно првенство, Кичевски стана првиот македонец, шампион на Југославија во карате (полусредна категорија), со што придонесе за огромна афирмација на македонскиот карате спорт. Истиот успех го повтори 1982 година.

Во 1980 год.како член на југословенската репрезентација, на Европското првенство во Брегенц, Австрија, освои бронзен медал во екипна конкуренција.

Истата, 1980 год., на првиот Балкански карате шампионат, Кичевски го освои златниот медал во лесна категорија, со што стана првиот македонски каратист кој се здоби со титулата шампион на Балканот.

Успеси на ниво на СФРЈ:

-шампион во полусредна кагегорија 2 пати.

-тpeт во апсолутна категорија 3 пати.

-трет во полусредна категорија 4 пати.

Во Македонија:

-шампион во полусредна категорија 13 пати

-шампион во апсолутна категорија 5 пати.

Во државната репрезентација на тогашна СФР Југославија има 52 настапи во борби, а на меѓународната средба Шведска – Југославија, во Малме, 1982 година прогласен е за најуспешен натпреварувач. На оваа средба беше и во функција на државен селектор.

Како тренер

Како тренер и натпреварувач, на традиционалниот турнир во Бихаќ (БиХ), на кој учествуваа репрезентации на сите тогашни Републики и Покраини, македонската репрезентација во 1973 година го освојува третото место, во 1974 год. четвртото, a во 1980 година првото место. Карате клубот Вардар е првиот првак на Градската карате лига во 1974 година.

Во 1975 г. КК Вардар е и првиот првак на новоформираната Републичка лига. Оваа титула ја освојува уште седум пати. На екипните првенства на Југославија, КК Вардар, во Сараево( 1976) и во Загреб (1979), го освојува третото место, а истото трето место го освојува и на Меѓународниот турнир „Златен појас“ во Чачак (1979).

Под негово раководство, како тренер, Карате клубот Водно од Скопје седум пати е републички првак (1991, 1993, 1994, 1995, 1996, 1997 и 1998 год.).

Како селектор

Првиот меѓудржавен натпревар, од cитe спортови, воопшто одржан во самостојна Република Македонија, беше во Скопје на 08 ноември 1992 година меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија, при што победи нашата репрезентација со резулгат 8-2. Селектор и тренер на македонскиот државен тим беше токму Димче Кичевски.

Истата, 1992 година, како селектор и тренер, ја предводеше македонската репрезентација, која го имаше својот официјален настап на Светското првенство, одржано на 28/29 ноември во Гранада, Шпанија. Нашиот тим во женска конкуренција вo спортска борба го освои високото 5 место. По овој успех, државниот тим во женска конкуренција, заедно со Ракометниот клуб Кометал се прогласени за најдобри екипи на годината, а заслужената награда им ја врачи лично првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Во 1993 година за најдобар спортист на Република Македонија е прогласен неговнот ученик Петар Белистојаноски. Истата, 1993 година во Софија, Бугарија, на силниот меѓународентурнир на кој учествуваа повеќе репрезентации од Европа, со машката и со женската репрезентација, како селектор, го освојува второто место.

Како селектор и тренер, Димче Кичевски, го предводи селекцијата на Европските првенства во Прага – Чешка 1993, Хелсинки – Финска 1995 и Белград – Србија 1998 и на Светските првенства во Гранада – Шпанија 1992, Кота Кинабалу – Малезија 1994 и Сан Сити –Јужноафриканската Република 1996 година, каде што нашите репрезентативци: П.Белистојановски, Е.Куртановиќ, Т.Лазарков и И.Давчева, под негово водство, остварија висок пласман во првите 10 натпреварувачи.

Во карате спортот ја поминува целата активна спортска кариера. Последниот настап и последната борба се случија на Меѓународниот натпревар во 1986 година во Скопје, по повод Денот на ослободувањето „13 Ноември“. На овој натпревар, како и 12 години наназад, тој учествуваше со двојна улога, како натпреварувач и тренер на репрезентацијата на градот Скопје. Од 1986 година целосно се посветува на тренерската функција во клубот, но и како тренер и селектор на македонската карате репрезентација и репрезентацијата на тогашна Југославија.

Co осамостојувањето на Република Македонија, станува тренер и селектор на државните карате селекции за сениори, мажи и жени.Тој е еден од најуспешните македонски каратисти за што говорат и горе спомнатите податоци.

За својата активиост како натпреварувач, тренер, селектор и општественик, на домашен и меѓународен план, ги има добиено следните (позначајни) признанија:

-Добитник на наградата „13 Ноември“ од Собранието на Град Скопје за 1983 година;

-Во 2006 година на манифестацијата „Македонски спортисти кои го одбележаа 20-от век”, во организација на Музејот на Македонија, а под покровителство на Владата на Република Македонија, Кичевски влезе во најдобрите 31 спортисти од сите спортови;

-Од страна на Факултетот за физичка култура и сите електронски и пишани медиуми, при изборот на „Спортист на векот во 2000 година“, Кичевски беше прогласен за „Спортист на векот одобласта на карате спортот“;

-Диплома за „Особени заслуги и придонес за работата и развојот на средното училиште за внатрешни работи“ од Скопје за 1975година.

-Добитник е на „Златна спомен плакета“ од Сојузот на организациите за физичка култура на Македонија, поповод 30 години на Физичката култура, во 1976 година;

-Добитник е на високото „Признание“ за посебен придонес и развој на карате спортот во СФРЈ во 1989 година;

-Повеќе пати е прогласуван за спортист и тренер на годината од страна на СД Вардар, Карате сојузот на Македонија и многу други признанија и плакети.

Од 1998 година заедно со Љупчо Неделковски се вклучува и во активностите на Кик боксинг федерацијата на Македонија. Успешната соработка се однесуваше околу асистирање на самите тренинзи кај Љупчо Неделковски во кик бокс клубот Скопје од Скопје. Станува член на претседателството на КБФМ во 2002 год. и како таков учествува во самата организација на Европското првенство во кик бокс кое се одржа 2006 година.

Димче Кичевски беше член на организацискиот борд на директори за Европското првенетво. Исто така активно беше вклучен како помошен тренер со Љупчо Неделковски во подготовките на репрезентативците.

Истата година се здоби со звањето интернационален судија во кик бокс и судеше неколку борби на Европското првенство на кое е освоен еден златен медал.

Во 2008 година е избран за селектор на македонската кик бокс репрезентација за дисциплините на татами за сениори.

Под негово водство освоени се следните медали:

-2011 и 2013 година златен мелал на Светски првенства во Скопје и Анталија;

-2012година еден сребрен и два бронзени медала на Европското првенство во Букурешт.

Повеќе пати е наградуван како селектор на избор на спортисти на Кик Боксинг Федерацијата на Македонија и како судија на годината.

-2013 година добитник е на еднократна награда од АМС за стручно лице за остварен резултат со категоризиран спортист како селектор.

Неговото искуство, пожртвуваност и успесите кои ги има постигнато на сите полиња во спортот, а кои и денес придонесуваат за уште посестран и посеопфатен развој, унапредување, афирмација и воспитување на младите генерации, љубители на боречките вештини, постхумно му ја донесоа и државната награда „8 Септември” за спортски работник за 2015 година.

Димче Кичевски почина на 08 август 2015 година.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО