Енди Руиз Јуниор: Време е повторно да станам светски шампион

Поранешниот светски шампион во тешка категорија Енди Руиз Јуниор објави дека негова голема цел е да се искачи повторно на врвот на професионалниот бокс.
Мексиканско-американскиот боксер по долго отсуство ќе се врати на рингот во септември, кое беше предизвикано од повреда на раката. Неговата прва пречка ќе биде непоразениот Полјак Дамијан Книба.
Руиз влезе во историјата во јуни 2019 година кога го шокираше светот победувајќи го Ентони Џошуа со технички нокаут во шестата рунда, станувајќи првиот мексиканско-американски светски шампион во тешка категорија.
Подоцна призна дека по овој успех не ја одржал потребната дисциплина и не бил во оптимална форма за реваншот со Џошуа шест месеци подоцна, кој го загуби на поени.
Оттогаш, Руиз стапна на рингот само три пати – против Крис Ареола, Луис Ортиз и Џарел Милер, а неговата последна борба во август 2024 година заврши нерешено.
Сега Американецот повторно работи со својот долгогодишен тренер Мани Роблес, кој беше покрај него за време на сензационалната победа над Џошуа.
„Повторно сме заедно и нашиот тим е посилен од кога било. Работиме одлично, се сложуваме одлично и ја работиме работата што треба да се заврши“, изјави Руиз за Токспорт.
Поранешниот шампион не крие дека сонува за втор светски триумф.
„Сакам да бидам двократен светски шампион во тешка категорија. Ги сакам титулата на ВБЦ и појасот на магазинот Ринг. Ова се последните работи што недостасуваат во мојата колекција. Можноста е пред мене и морам напорно да работам. Сакам повторно да бидам шампион и знам дека можам да го направам тоа бидејќи сум го правел и претходно“, рече Руиз.
Пред да може да помисли на уште една шанса за светски титули, 35-годишниот боксер мора да надмине сериозен предизвик пред високиот и непоразен Дамијан Книба, кој ќе се обиде да ги попречи неговите планови за враќање во тешката елита.



