Утре се одржува 40. Меѓународен карате турнир „Никола Грдановски-Нике“

Утре во Скопје се одржува јубилејниот 40. Меѓународен карате турнир „Никола Грдановски-Нике“.

Организаторот КК Металург најавува голем одѕив на каратисти на турнирот од четири држави. Потврдени се учесниците од Црна Гора, Косово и Бугарија.

Турнирот ќе се одржи во спортската сала „Методија Андонов-Ченто при ОУ „Наум Нумовски – Борче“ со почеток во 10 часот, а во 12 часот е свеченото отворање.

Прво на татамите ќе бидат натпреварите во кати, поединечно и екипно, а потоа ќе следуваат натпреварите во борби, поединечно и екипно.

„Во чест на секогаш присутното пријателство, кое постоеше помеѓу младите и Никола Грдановски-Нике, кој трагично почина на 26 јануари 1979 година, како и неговата голема љубов кон карате-спортот, востановен е овој традиционален меѓународен меморијален карате-турнир, кој со успех се одржува. Каратистот Грдановски беше еден од основачите на Карате клубот Металург, а воедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен. Овој турнир е со најдолга традиција и репутација во сениорска конкуренција, во борби и во кати, во Македонија, а досега многу квалитетни поединци, екипи и репрезентации биле учесници, притоа покажувајќи ги своите вештини во овој динамичен спорт“, вели искусниот тренер на Металург, Мирче Јанушевски.
Годинашниот меморијален турнир ќе се одржи во поединечна и во екипна конкуренција во дисциплините кати и борби, во старосните категории од пионери, па сѐ до постари јуниори (до 21 година).

Лани на турнирот настапија 30 клуба, со вкупно 245 борби на татамите во старосните категории петлиња и помлади пионери, надежи, кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати, во различни тежински категории. Најдобар клуб и наедно најмасовен беше Елди-Кан од Скопје, со освоени 16 златни, 13 сребрени и осум бронзени медали, второто место му припадна на Ѓорче Петров (10 златни, три сребрени и два бронзени медали), а трет беше Металург (седум златни, четири сребрени и пет бронзени медали). За најдобар натпреварувач во конкуренцијата кадети-јуниори беше прогласен Рудина Алиу од КК Цветан Димов, а најуспешен во екипна конкуренција на пионери и помлади кадети беше ката-тимот на КК Елди-Кан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО