Теренс Крафорд и Ерол Спенс Јуниор договорија меч

Долгоочекуваниот меч конечно ќе се случи. Ерол Спенс Јуниор и Теренс Крафорд се договорија за боксерски меч за обединување на шампионските појаси во полусредна категорија за 29 јули, а настанот треба да се одржи во Т-Мобиле арената во Лас Вегас, но сепак треба да ги потпишат договорите.

Нивниот договор беше претставен во јавноста, а се однесува на две пресметки, бидејќи кој ќе загуби може да ја активира клаузулата за реванш. Реваншот мора да се одржи до крајот на годината.

Борбата меѓу Крафорд и Спенс е борба која сигурно ќе ги привлече љубителите на боксот, бидејќи и двајцата моментално се во својот врв.

Крафорд долго време беше во борба за врвот на ранг-листата „паунд фор паунд “, а Спенс беше веднаш зад него.

Оваа година имавме два особено интересни натпревари меѓу Џервонта Дејвис и Рајан Гарсија, а минатиот викенд меѓу Девин Хејни и Васил Ломаченко.

Нема сомнеж дека ова ќе биде уште поголема борба доколку ги потпишат договорите и на тој начин ја потврдат зделката.

Американецот Теренс Крафорд (39-0, 30 КО) е сопственик на титулата во ВБО, а во последниот меч во декември минатата година со нокаут во шестата рунда го победи Давид Аванесјан.

Неговиот сонародник Ерол Спенс Јуниор. (28-0, 22 КО) е сопственик на појасите на ИБФ, ВБА и ВБЦ, а во последниот настап лани во април го победи Јорденис Угас со технички нокаут во десеттата рунда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО