Шакур Стивенсон потпиша договор со Зуфа бокс на Дана Вајт

„Зуфа бокс“ го направи најголемиот трансфер во својата кратка историја со потпишувањето на непоразениот шампион во четири категории, Шакур Стивенсон. Американецот потпиша повеќегодишен договор за повеќе борби со новата боксерска организација, предводена од претседателот на УФЦ, Дана Вајт, а поддржана од Турки Алалших и Села.
Веста првпат ја објави ЕСПН, а подоцна ја потврди и самиот Вајт.
„Зуфа бокс“ го лансиравме пред седум месеци. Мојата цел отсекогаш била да имам најдобра борба, нешто што недостасуваше во боксот. Во изминатите неколку месеци успеавме да ги донесеме некои од најдобрите борци во светот и сме исклучително возбудени поради ова потпишување. Потпишавме повеќегодишен договор за повеќе борби со Шакур Стивенсон“, рече Вајт.
27-годишниот Стивенсон доаѓа во „Зуфа бокс“ со импресивен професионален скор од 25 победи без пораз, од кои 11 од неговите победи се со нокаут. Освојувачот на сребрен медал од Олимписките игри во Рио во 2016 година веќе освои светски титули во четири различни категории и се смета за еден од најтехничките боксери во светот.
Неговата последна борба беше во јануари, кога убедливо го победи Теофимо Лопез со едногласна одлука за да ги одбрани титулите на ВБО и Ринг.
Стивенсон станува најголемото име што потпишало со Зуфа бокс. Други ѕвездени потписи за организацијата се Конор Бен, Џеј Опетаја, Ричардсон Хичинс и Едгар Берланга.
Со Стивенсон, Дана Вајт прави уште еден важен чекор кон својата амбиција да изгради боксерска организација каде што најдобрите боксери редовно се соочуваат еден со друг.



