Организаторите на семинарот на Валдеси: Следната наша дестинација е Олимпијадата во Токио 2020!

 

Valdesi Zile ivana simona

Со оглед на тоа дека наближува денот кога на Олимпијадата во Рио на сесијата на Меѓународниот олимписки комитет (МОК/IOK) ќе се гласа за вклучување на нови спортови на Олимпијадата во Токио 2020 година, на тема каратето како олимписки спорт поразговаравме со екипата за која се уште се зборува, организаторите на ката семинарот со легендарниот Лука Валдеси: Живко Тасевски и Симона Трајкоса од ШКК Јошитака Скопје и Ивана Аврамова од КК Урбан Инвест Кавадарци.

Valdesi so decata na seminarot

Каква одлука очекувате од МОК?

ЖТ: Искрено, се надевам дека Токио 2020 ќе биде нашата следна дестинација. Местото на каратето е дефинитивно во семејството на олимписките спортови. Ние, како клуб, континуирано го поддржуваме движењето на Светската карате федерација, како заложба за влез на каратетото на Олимпијада.

Дали сметате дека правилата се усогласени со барањата на Меѓународниот олимписки комитет?

ИА: Искрено сметам дека може да има подобрувања во правилата во делот на катите, оној дел кој нас „каташите“ најмногу не засега. Правилата, какви што се сега, сепак дозволуваат доза на субјективност во носењето на одлуките. Но, се надевам дека до 2020 година правилата комплетно ќе бидат во согласност со барањата, но и дека ќе бидат најмногу во интерес на натпреварувачите.

Како освојувач на првата и единствениот сениорски медал во кати од Европското сениорско првенство во Тенерифе 2005 година, какви се шансите на Македонија во делот на катите, доколку каратето стане олимписки спорт?

СТ: Генерално, освојувањето медал во кати е многу тешка мисија. Сведоци сме дека од 2005 година па наваму, значи, цели 11 години Македонија нема повторно освоено медал на официјално европско или светско сениорско првенство, што укажува на фактот дека процесот на подготовки на една сениорска екипа е навистина долга и макотрпна работа. Но, секако сметам дека имаме квалитет да се покажеме и докажеме во иднина. Оваа година на Европското сениорско првенство, сениорската женска екипа беше навистина блиску до повторување на резултатот, но, за жал, тоа не се случи. Меѓутоа, верувам дека младите имаат огромен мотив за работа и за достигнување на највисоки резултати, така што се надевам дека со правилна работа и нашите каташи ќе се замешаат во борбите за медал кога каратето ќе биде дел од Олимпијадата.

Valdesi site dve grupi na seminarot

За семинарот со Лука Валдеси се уште се зборува. Да се надеваме ли дека наскоро пак ќе имаме можност да го видиме Валдеси во Македонија?

ЖТ: За тој семинар уште долго ќе се зборува. Пред се поради огромната посетеност, а потоа и поради неверојатната енергија која Валдеси им ја пренесе на учесниците. Имено, и тој семинар беше како дел од движењето за поддршка на каратето за влез во олимпиското семејство. Валдеси во Македонија ќе го видиме повторно, сигурно. Но, кога и од каков вид ќе биде семинарот, ќе бидете благовремено известени.

Летниот период е период на мирување на клубовите. Кои се вашите планови?

ИА: Септември, односно почетокот на сезоната е на само еден месец од нас. Веќе се подготвуваме за натпреварите во новата сезона, мирувањето и одморите се зад нас. Јас дури и не паметам некогаш да сме одмарале повеќе од 10 дена.

СТ: Ние сме активни и преку лето. Можеби е намален интензитетот на тренинзите, но не и квалитетот. Постојано сме присутни на кејот покрај реката Вардар, каде што и во август ќе продолжат тренинзите, бидејќи новата сезона наближува.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО