Игор Паскоски, тренер на олимпијката Катерина Николоска: Има мотив за да направи изненадување!

Igor PAskoski sam

На Олимписките игри  во Рио кој запонвуваат за неколку дена Македонија за прв пат ќе ја претставува џудист, а тоа е Катерина Николоска. Воедно, таа е единстевниот претставник од нашата земја од боречките спортови, кои во минатото носеа медали.

Николоска ќе настапи во категоријата до 63 килограми во Рио 2016, а за настап се избори со вајлд карта, поради што се смета за аутсајдер. Но, дали е можно и изненадување со оглед на тоа дека последните месеци интензивно се подготвуваше, иако статистиката не е во нејзин прилог. За сите овие предизвици и дилеми разговаравме со нејзиниот тренер од ЏК Миоки, Игор Паскоски, кој исто така ќе патува на ОИ 2016 во Рио.

Igor i katerina kompilacija za OI 2016

„Катерина е во одлична спортска форма и очекувам да го даде својот максимум на татамите. Со оглед на фактот дека учеството е со покана, а не со освоена норма, во однос на конкуренцијата е аутсајдер, но тоа не значи дека не може да приреди изненадување. Во овој спорт моментот може да го одлучи победникот. Иако статистиката и реалните факти не се на наша страна, се надевам дека шансата да биде дел од џудо елитата на најголемиот спортски настан ќе биде најголемиот мотив за настапот на Катерина“, вели тренерот на Николоска Игор Паскоски кој заедно со неа ќе патува за Рио.

Паскоски нагласува дека добрата спортска форма и самото учество на ОИ се должи на несебичната подршка на Македонскиот олимписки комитет (МОК), поточно луѓето во оваа институција кои навистина ги штитат интересите на спортот и спортистите.

„Иако планот за подготовки и учество на натпревари беше дефиниран уште пред четири години, истиот започна да се рализира од пред една ипол година, кога МОК се замеша во целата приказна и додели олимписка стипендија на Николоска. Да потсетам дека со помош на МОК и со несебичната работа на тимот од Џудо клубот Миоки беше реализиран голем дел од зацртаниот план и програма, со што Катерина Николоска добар дел од тренажниот процес го реализираше надвор од државата во реномирани џудо тренинг центри“, објаснува Паскоски.

Тој наведува дека Николоска е единствениот џудист сениор во државата кој во континуитет учествува на меѓународните џудо настани, непоразена на државните првенства и единствен освојувач на три медали од Балканските првенства за сениори (од вкупно 5 за Македонија). „Сметам дека во моментов Николоска го има нивото на елитните џудисти, но голема штета е што загубивме драгоцено време од две ипол години во отсуство на поддршка, толку колку што недостасува да биде можеби и дел од учесниците кои би имале шанса да се замешаат во борбите за медал“, категоричен е Паскоски и додава: „Според мене учеството на македонски џудист на Олимписки игри е најзначајниот момент за македонското џудо досега. Ова е можност џудото кај нас да се испромовира, да добие поголема популарност, шанса уште повеќе да се привлече младата популација да го практикува овој спорт и секако да се привлечат спонзори кои би вложиле во талентираните џудисти“.

KATERINA-NIKOLOSKA-624x490

Од друга страна, ова е прво учество на Олимпијада и на Паскоски и тоа како тренер.

„За мене лично учеството на Олимписки игри претставува круна на мојата работа како тренер, како и дополнителен поттик за работа до следни учества со остварена норма, но и со шанси за освојување на медал со џудистите кои ги тренирам. Во моментов постојат неколку потенцијални кандидати со кои секојдневно работиме во насока на нивно усовршување и надградување и сигурен сум дека со навремена и несебична подршка резултатите ќе бидат неизбежни“, истакнува Игор Паскоски, тренерот на олмпијката Катерина Николоска.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО