Ништо од мечот меѓу Фјури и Усик, прекинати преговорите за мечот за апсолутен светски шампион

Боксерската пресметка за апсолутен шампион во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик нема да се одржи на 29 април како што беше претходно најавено, потврди менаџерот на украинскиот борец Егис Климас.

Пропадна зделката за меч во кој би биле обединети сите шампионски појаси на кралската дивизија.

„Преговорите за борбата за титулата во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик што требаше да се одржи на 29 април на Вембли се откажани. Ова за ЕСПН го потврдија претставниците на двата тима“, напиша Мајк Копингер на својот Твитер и ја додаде изјавата на Егис Климас:

„Колку и да се компромитираше Усик, тимот на Фјури бараше уште повеќе“.

Неодамна, претседателот на ВБА, Жилберто Мендоза даде нов рок (1 април) за договорот за борбата Фјури-Усик, но тоа веќе не е важно.

Тимот на Усик смета дека нивниот борец не бил третиран достојно за меч во кој би биле обединети титулите на светскиот боксерски шампион, а проблемите ги прави Џипси Кинг.

Една од пречките за постигнување договор беше распределбата на хонорарите.

Усик изјави дека ќе го прифати барањето на Фјури за поделба на заработката 70-30 во корист на Британецот.

Но, очигледно, во последните денови од преговорите се појавија нови барања, а Усик веќе не можеше да оди подалеку од нив.

Така, љубителите на боксот уште еднаш останаа без голема борба која би го дала апсолутниот шампион во тешка категорија.

Последниот што ги обедини сите појаси на крајот на 1999 година беше Ленокс Луис. Тогаш во игра беа три појаси, додека Фјури и Усик ќе се бореа за четири титули (ВБЦ, ВБА, ВБО и ИБФ).

Усик ги има појасите на ВБА, ВБО и ИБФ и сега најверојатно ќе го насочи своето внимание на мечот против предизвикувачот на ВБА, Даниел Дубоа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО