Металург го одбележува јубилејот 50 години постоење

Во сабота Карате клубот Металург го одбележува јубилејот 50 години постоење во хотелот „Континентал“ во Скопје, од 11 часот, со посебна прослава. Овој период е исполнет со многу успеси на клубот и на македонското карате.

Од Металург најавуваат дека на прославата ќе присуствуваат гости и спортисти, ќе има изложба на фотографии на досегашните постигнати спортски резултати на КК Металург, потоа ќе биде прикажана проекција на краток филм за постоењето и за активноста на клубот, ќе има поздравни говори, доделувања златни и сребрени плакети, како и посебни признанија на заслужни членови на клубот, но и на сите оние што придонеле за досегашниот развој и за успех на клубот.

Инаку, одбележувањето на јубилејот се одложуваше три години поради пандемијата на коронавирусот.

Металург е формиран во 1969 година, во рамките на тогашниот Центар за спорт и рекреација при рудници и железарница „Скопје“, кој е и основач на клубот, а во состав на тогашното спортско друштво Металург.

Иницијатор е Стефанчо Крстевски, кој е и прв тренер.
Клубот ги одржува тренинзите во салата на ММУЦ „Панче Арсовски“ во Автокоманда, Скопје. Металург е повеќекратен првак на Македонија, а на меѓународни првенства, повеќе негови членови, бранејќи ги боите на Македонија, постигнаа повеќе врвни спортски резултати, од кои, секако, највредни се освоените медали од европските (ЕП), светските (СП), универзитетските првенства… во поединечна и во екипна конкуренција.

Доволно е, меѓу другото, да се спомнат среброто на Иво Цветковски на ЕП за сениори во 2007 година во Братислава, бронзата на Огнен Груевски на ЕП во Атина во 2010 година, бронзата на Мартин Несторовски на ЕП за сениори во Истанбул во 2015-та и бронзата на Европските игри во Баку во 2015 година, а не изостанаа медали и во кадетско-јуниорската конкуренција, како и во дисциплината кати. Медали се освојуваа и на Универзијадите, ЕП за региони, Балканијадите…

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО