Македонскиот бокс во нокдаун, а нема решение на повидок!

primislav dimovski

Mакедонската репрезентација во бокс немаше претставник на Европското првенство кое се одржа во Самоков, Бугарија, пред еден месец, што дојде како одраз на тешката состојба во боксерската организација во Македонија. Тоа значи дека и на Светското првенство нема да имаме претставник и нема да може да с ебориме за норми за Олимписките игри во Рио 2016 година.

Сериозен кандидат за настап на ЕП беше супертешкашот Примислав Димовски, но поради разочарувачката ситуација во Боксерската федерација на Македонија тој не отпатува за Бугарија, но проговори за ситуацијата во македонскиот бокс.

„Прва година не настапуваме на ЕП. Јас бев единствениот кандидат, иако немав комплетни подготовки, се нафатив да ги бранам боите на нашата земја. Од друга страна, нема никакви активности и на домашен терен. Јавна тајна е дека сметката е блокирана, сепак, не се прават никакви активности. Се поставува прашањето до претседателот на Федерацијата, што се случува со боксот во Македонија? Што понатаму? Предолго време е ваква ситуацијата. Практично, Федерацијата не постои“, изјави тогаш за ipon.mk, Примислав Димосвки.

vojo  nastevski

Од друга страна, претседателот на БФМ, Војо Настевски, објасни зошто е блокирана сметката на Федерацијата и реше дека никој не сака да помогне. Сметката на БФМ е блокирана поради извршно судско решение за смртта на боксерот Ѓокица Неделковски во 1998 година, кој настапуваше за репрезентацијата на Македонија во Грција.

„Треба и некој друг да се грижи за репрезентацијата. Никој не сака да се погрижи. Се обратив и во АСМ, но и до родителот на детето за да се симне извршното решение и да може на рати да го исплаќаме долгот. Откако почнаа да одат работите во насока на разбирање и решавање се случи трагичен настан, почина мајката на боксерот. Пративме писмо со сочувство до фамилијата. Се се случуваше во овој период“, вели Настевски.

Тој истакнува дека Федерацијата не може да функционираме без минималните средства. Тој посочува дека молел луѓе да помогнат, потоа МОК, АСМ. Од МОК му рекле дека ги потрошиле парите за Европските игри во Баку.

Настевски рече дека пополека некои работи се средуваат и дека годинава имало учество на 7-8 турнири во регионот и дека наесен ќе стартува Лигата и ќе се одржи Златниот гонг, иако досега нема никави информации.

Сепак, без разлика на се, сититуацијата долго време е статус кво и се одразува на квалитетот на боксот, подобро рече замирање на овој трофеен спорт. Ако во скоро време не се најдат решенија, тогаш тешко му се пишува на бокост, а замени за Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, Азис Салиху и Вели Мумин тешко дека ќе видиме во блиска иднина, а за медали и да не зборуваме. Или, пак, да имаме успеси на професионалниот ринг како Тони Наскоски, Тони Јаневски и други.

Треба итно да се преземат мерки за надминување на сегашното тапкање во место кое метастазира во тонење.

veli Mumin

Последниот македонски боксер кој се закитил со медал на меѓународната сцена е Вели Мумин, кој на Европските првенства во 2006 и 2008 година во Пловдив и Ливерпул освои бронзени медали, а на СП 2005 е петти. Покрај ова, три пати е балкански првак и 22 пати државен шампион. За постигнатите резултати е добитник на Орден за заслуги и афирмација на Македонија.

За настаната состојба во македонскиот бокс, кој од ден во ден е во полоша состојба, а кулминираше се неодењето на нашите боксери на Европското првенство во Бугарија Мумин вели дека за Примислав Димовски ова беше шанса да ја круниса долгогидшната кариера, но беспарицата и неорганизираноста му ја упропастиле приликата за висок пласман.

„Сегашниот претседател на Боксерската федерација на Македонија, Војо Настевски, 14 години е на чело на БФМ, кој наследи нерешен случај, односно долг, кој и до ден- денес не е разрешен. Поради долгот Агенцијата за млади и спорт (АСМ) го раскина договорот со БФМ, така што не може да се финансира која било активност. За да излеземе од состојбата во која се најде боксот и понудив помош на Федерацијата да ја одблокираме сметката (2 февруари 2015 г.-н.з.). За таа цел најдов пријатели кои ќе бидат спонозри на БФК и ќе помогнат да се одблокира сметката, да се направи договор со АСМ и калнедарски да се фати годината за настапи. Управниот одбор рече дека ќе го разгледа барањето. Се остано на тоа“, посочува Мумин.

Тој вели дека му е жал што двата најтрофејни спорта боксот и борењето одат во амбис.

„Затоа се решив на тој чекор, притоа барав да бидам в.д. претседател и ако за шест месеци го решам проблемот да ме изберат за претседател. Боксот 10 години кубури со проблеми. Единствено јас, Примислав Димовски и Фатон Жута правевме нешто. Жал ми е, ова му беше прилика на Примислав да освои медал и шампионски да ја запечати кариерата. Имаше спаринг партнери и тренери од Бугарија, но Настевски дури сега го кажува проблемот“, потенцира Вели Мумин.

Сепак, ситуацијата е таква што мора итно да се најде лекот. Според Мумин, и боксот мора да го следи примерот на борењето, односно да се најде човек што го сака боксот и да инветсира во него

„УО треба да носи пари, а не да зависи од АСМ и МОК. Претседателот многу се надеваше на нивната помош, но го извисија. И МОК е една од пречките поради која спортот оди надолу“, заклучува боксерскиот ас.

Тренерот на БК Аперкат, Оливер Станков, вели дека излез не гледа освен ако не се прземе нешто, затоа што ЕП квалификација за СП во Катар, како што не се учествувало ина Европските игри во Баку.

„Сите губат! Нема натпреварување! Баш сме нокаутирани! Се надевам дека овој месец ќе има вонредно Собрание. Две години не е одржано годишно собрание. Ништо не функционира.  Имаме штета зашто не отиде делегација на ЕП, па на лице место да се покнат боксери на „Златниот гонг“.  Оставка, не гледам друго решение, зашто истите луѓе не преземаат ништо“, истакнува Станков.

Ilija Mladenovski

Претседателот и еден од тренерите на БК Пинк Пантер од Штип, Илија Младеновски, вели:

„Навистина е жално да бидеш инволвиран и со толку голема мотивација и ентузијазам да работиш за спортот преку кој се истакнува моќта на нацијата, а, од друга страна, некој (по мое мислење) свесно да ти го ускратува тоа право и да ја убедува јавноста дека Македонија нема квалитетни боксери, ниту пак квалитетни боксерски работници…“

Според него, наметнувањето на лажна слика од страна на структурите во БФМ, испреплетени со политички приказни и мотиви за приватни интереси, се само дел од целава, како што вели тој, комична приказна што се случува во боксот Македонија.

„И покрај тоа што во 2015 година нема ниту една, каква било боксерска средба, боксерски настан или барем каков било состанок за решавање на ситуациите, клубовите секојдневно работат и се трудат со последни сили ентузијастичкиот дух да не згасне и се надеваме на излегување од оваа „КРИЗА“ и враќање на имиџот на боксерскиот спорт во Македонија. Така ќе ги иведеме нашите боксери на вистинскиот пат до успехот.

Жална е сликата имињата како Аце Русевски,Реџеп Реџеповски, Азис Салиху, Вели Мумин, Мухамед Алија, Омер Демиров и ред други шампиони кои оставиле белег во светот, немаат наследник. А, немаат наследник, бидејќи можеби некој свесно го прави тоа“, смета Младеновски.

Тој се спротивставува на тврдењата дека во нашата земја нема боксер кој може достојно да ги брани боите на Европското првенство. Затоа тој прашува дали ги заборавија Лескароски, Алексов, Ристески,Ташков, Димовски, Ахмет Еминовиќ…или, тоа не се имиња кои се толку вредни за да се мрдне и со малиот прст да се обезбедат средства за подготовки и учество на ЕП.

Младеновски посочува дека во октомври во Доха, Катар, ќе се одржи и Светското првенство, а Македонија повторно нема да има учесник.

„Ние, како клубови кои непрекинато и амбициозно работиме, бараме произнесување на претседателот на БФМ и структурите за ситуацијата со боксерскиот спорт во Македонија. А на крај и одговорност, затоа што веќе три мандати е истата структура во БФМ, а за тие три мандати боксерскиот спорт оди во надолна линија. Пршањето е дали психологијата на боксерите ќе го издржи ова, затоа што ситуацијата е на најниска граница. Тоа може ќе ги натера да си го бараат својот пат во професионалниот бокс, кој ќе оди во некој друг спорт или, едноставно, ќе се повлече поради причината што некој го згаснал ентузијазмот за успех, преку кој би се афирмирал боксерот, но и нашата нација“, заклучува Младеновски.

ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО