Кик бокс федерацијата одржа Собрание и го промени името (ФОТО)

Кик бокс федерацијата на Македонија вчера одржа Собрание со присуство на осум од вкупно 11 делегати, како и сите активни придружни членови.

Една од најважните одлуки која е донесена на Собранието се измените и дополнувањата на Статутот на КБФМ, со што федерацијата добива конечен Статут усогласен со законот и потребите на Федерација и го менува името од „Кик боксинг федерацијата на Македонија“ во „Кик бокс маи таи федерација на Македонија“.

„Оваа промена на името следи по серијата на преговори и усогласувања на претседателот на Кик боксинг федерацијата на Македонија (КБФМ), Дејан Митровски – Урко, со претседателот на Светската асоцијација на кик бокс организации (ВАКО) Борислав Пелевиќ во Белград и претседателот на Светската федерација за мај тај аматери (ИФМА), Сакчи Тапсуван и генералниот секретар на ИФМА, Стефан Фокс во Канкун, Мексико; од причина што нашата репрезентација долги години настапува не само на ВАКО, туку и на ИФМА натпреварите, од каде што се враќа со бројни резултати. Најсвеж пример за тоа е резултатот од Светското ИФМА мај тај првенство 2018 во Канкун, Мексико каде македонската репрезентација настапи со тројца натпреварувачи и освои 1 златен и 1 сребрен медал (во Б-класа), каде што се поставија и темелите на завршниот договор. Со овие преговори беше договорено дека со спроведување на бараните промени нашата Федерација на следното Собрание на ИФМА ќе стане полноправна членка. Со новите измени на Статутот се овозможува прием на Федерацијата во МОК и сите меѓународни организации кои го поддржуваат овој олимписки спорт, со што ќе се зголемат можностите за развој и афирмација на спортот во Македонија“, се наведува во дописот на претседателот на КБФМ, Дејан Митровски.

Согласно новите законски измени на Законот за спортот проширен и Управниот одбор со 4 нови надворешни членови, од кои двајца правници и двајца економисти, како и еден нов внатрешен член, како замена на друг кој доставил неотповиклива оставка.

На Собранието едногласно е одлучено да се примаат 13 нови делегати (клубови) во Федерацијата и бришење на два неактивни делегати (клубови) поради неактивност, неисполнување на обврските и неусогласување со Статутот на Федерацијата и истите добиваат статус на придружни членки на федерацијата.

Покрај овие новости, на Собранието е презентирана и едогласно усвоена завршната сметка на КБФМ за 2017 година.

„Федерацијата продолжува и натаму да работи со полна пареа, без несогласувања и со тенденција да ги реализира своите план и програма. До крајот на годинава следи можност за учество на Светското ВАКО јуниорско превенство во Италија, Европското за сениори во Словенија и реализација на Државно изборно првенство“, истакнува Дејан Митровски.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО