
На 19-тото Панамериканско шито рју првенство – „Pan-American Shitoryu Festival & International Shitoryu Karate Championships 2025“, што се одржа во Дорал, Мајами, на 7–8 ноември, младите каратисти од клубот Милошевски маршал артс постигнаа резултати од историско значење за САД и Македонија.
На овој голем интернационален карате настан учествуваа 384 натпреварувачи од 17 држави, меѓу кои Аргентина, Чиле, Еквадор, Канада, Бразил, Јапонија, Македонија и САД – при што Соединетите Држави настапија со најголема делегација од 281 учесник.

Во исклучително силна конкуренција, двете претставнички на Милошевски маршал артс освоија вкупно четири медали, со што го запишаа првиот панамериканска медал во оваа дисциплина за Македонија и нашиот клуб:
Бонние – сребро во кумите
Бонние – бронза во ката
Сиенна – бронза во ката
Сиенна – бронза во кумите

Овој резултат претставува редок и значаен момент за нашиот клуб, но и силен доказ дека македонскиот карате дух живее и расте преку нашата дијаспора во САД.
Дополнителна тежина на настанот му дадоа бројните интернационални судии, меѓу кои и нашиот светски карате судија Дејан Милошевски, кој ја претставуваше САД на ова натпреварување. Неговото учество уште еднаш го потврди професионалниот кредибилитет и углед во американската и меѓународната карате сцена.

„Успехот на Бонние и Сиенна претставува силна мотивација за младите спортисти од нашиот клуб и од македонската заедница во САД.
Нивниот настап и освоените медали, во конкуренција од целиот американски континент, го потврдуваат квалитетот, дисциплината и посветеноста со кои Милошевски маршал артс го развива карате спортот.
Да се претставува Македонија на ваков настан и да се вее нашето знаме на пиедесталот е чест која треба да биде препознаена и од македонската карате федерација. За жал, во последните шест години оваа посветеност и успех на меѓународната сцена остануваат непрепознаени, и покрај континуираните резултати и успешна промоција на Македонија.
Клубот упатува искрена благодарност до организаторите на Пан-Американ шиторју федерацијата, до поддржувачите и до сите родители кои стојат зад секој успех”, истакнува Дејан Милошевски.
Со овој успех, Милошевски маршал артс ја продолжува својата мисија: развој на млади спортисти, интернационална соработка и создавање нови шампиони кои ќе ги претставуваат САД и Македонија на најголемите светски сцени.
„Кога трудот и дисциплината ќе се спојат со вистинските вредности, успехот не е случајност – туку неизбежност“. Констатира Милошевски.



