ИО за свикување вонредно Собрание на КФМ: Не дозволувајте никој да ве омаловажува, понижува и поткупува со еден ручек!

Иницијатори за свикување на вонредно Собрание на Карате федерацијата на РС Македонија за гласање на доверба на претседателот Петар Белистојаноски упати писмо до тренерите на сите карате клубови, Агенцијата за млади и спорт и средствата за информирање по повод „Карате денот“ што го свикува директорот на репрезентацаијата Арлинд Хусеини.

Писмото ви го пренсуваме во целост:

„Почитувани колеги тренери, од страна на „директорот“ на репрезентацијата, господинот Арлинд Хусеини поканети сме на таканарачениот КАРАТЕ ДЕН во кој централно место зазема РУЧЕКОТ. Се спрема голема гозба со скапи печења и најскапи вина. Во писмото не е наведено со чии пари ќе се плати оваа скапа гозба. Со оглед, дека на гозбата ќе присуствува и неспособниот претседател на федерацијата, логиччно е дека оваа гозба да биде платена од касата на Федерацијата. Ако е така, ние најостро протестираме и го дигаме својот глас против трошењето на нашите пари кои ние ги уплатуваме во Федерацијата во вид на годишна членарина, регистрација на натпреварувачи и котизација. Со оглед на тоа дека на сметка на федерацијата средства уплатува и Агенцијата за млади и спорт го дигаме својот глас и против трошењето на државните – народните пари за гозби.

Многу е возможно и тоа, гозбата да ја плати почесниот претседател господинот Драган Стојановски преку неговата продолжена рака Благоја Атанасов-Џиги. Доколку е ова второто, тогаш тоа е уште еден доказ дека почесниот претседател сака преку полни стомаци да ве поткупи со цел да ја дадете вашата подршка на неспособниот претседател Петар Белистојаноски.

Доколку Стојановски сака да финансира во карате спортот, му даваме предлог да ги уплати средствата на сметката на Федерацијата и со тоа да бидат вратени парите на клубовите и родителите кои тие ги уплатија за настап на европските првенства за сениори во Турција и за јуниори и кадети во Чешка, како и за настап на следното Светско првенство за јуниори и кадети.

Почитувани колеги тренери нели ја гледате апсурдноста на раководењето на Федерацијата од страна на неспособниот претседател и од сенка на почесниот претседател. Нема пари за спортистите за настап на европските и светските првенства, но има за скапи гозби.

Почитувани колеги зарем вашето достоинство и вашата гордост се вредни колку за еден полн стомак. Не дозволувајте никој да ве омаловажува, понижува и поткупува со еден ручек. Издигнете се над тоа и дајте да се обединеме и ослободиме од ова зло наречено: тандем почесен претседател и неспособен претседател“, се вели во писмото на Иницијативниот одбор (ИО) за свикување на вонредно Собрание за гласање на доверба на претседателот Петар Белистојаноски.

(Ова отворено писмо го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО