Игор Довезенски-водачот на Буџинкан Македонија: Изворот се наоѓа под стапалата на учителот

По подолго време повторно успеавме да договориме интервју со еден од најдинамичните македонски инструктори за боречки вештини, водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски.

Атмосферата за време на подучувањето во Нови Бечеј – Република Србија

Минатиот месец одржавте семинар во Србија, а викендов во Истанбул, во Република Турција. За наредната година веќе имате закажано уште неколку меѓународни семинари, а речиси секој викенд предавате на слични настани низ Македонија. Како го постигнувате сето тоа, дали чувствувате напор во физичка и во ментална смисла?

– Знаете како велат, доколку го работите тоа што го сакате, тогаш вие ниту еден ден нема да минете во работа. Навистина уживам во предавањето и во практикувањето боречки вештини, така што со задоволство ги пренесувам вештините на сите кои се заинтересирани за јапонските борбени уметности. Секако, предност давам на семинарите кои ги одржувам во Македонија, бидејќи низ годините се помалку сакам да губам време низ патиштата, пристаништата и аеродромите. Од таа причина, се почесто ги одбивам понудите за предавање во странство, а ги прифаќам само тие од луѓето кои ми премногу блиски за да ги одбијам.

Што е тоа БуЈуКаи односно какво е значењето на името под кое ги одржувате предавањата надвор од Македонија?

– БуЈуКаи е концепт основан и промовиран од страна на нашиот учител, соке Масааки Хатсуми, поглаварот на организацијата Буџинкан. Во превод значи „Собир на боречките пријатели“ и целта на овој настан е да се промовира пријателството и соработката меѓу боречките уметници односно да се зближат луѓето кои имаат пасија за класичните јапонски борбени вештини. Тоа е само едно од имињата под кое се одржуваат меѓународните собири во рамките на Буџинкан Доџо, меѓутоа целта е секогаш иста – усовршување на вештините и развој на личноста преку соработка и другарување.

Некаде прочитав дека од 52 викенди колку што има во една година, Вие предавате во просек на околу 40 семинари односно викенди. Дали е тоа точно? 

– За нечија жал, но за моја среќа – да. Велам за нечија жал, бидејќи сигурно некој што сака да поминува повеќе време со мене, моите обврски околку семинарите го спречуваат во тоа, меѓутоа за среќа моите деца постојано ме следат на ваквите настани, така што се додека се тие до мене, моето срце е преполно.

Учителот Довезенски со своите три деца

Вие сте самохран татко. Како успевате да ги усогласите обврските, а при тоа одлично да се грижите и да ги воспитувате Вашите деца?

– Имам тајна техника, меѓутоа не би зборувал за приватниот живот. Да се вратиме на темата околу боречките вештини.

Околу Вашето доџо почнува да никнува „Нинџа Село“, како што Вие го нарекувате. Кажете ми повеќе за тој проект?

„Нинџа Селото“ е сместено во првата јапонска зен градина во Македонија и двете заедно со моето Хомбу Доџо претставуваат една целина која се наоѓа на мојот имот наследен од моите дедовци. Хомбу Доџото преставува храм на знаењето и усовршувањето на борбените школи чиј преставник сум за нашата држава, а јапонската зен градина ќе служи за хармонизирање на духот и смирување и успокојување на духот на сите посетители на „Нинџа Селото“. Тоа ќе нуди сместување на сите заинтересирани за јапонската култура и традиција. Сето ова е изградено со моите десет прсти, со помош на моите ученици и затоа целиот проект има бесценето значење за мене. Следната година ќе го отвориме за јавноста и секако и Вие ќе бидете поканети на отворањето. За посета ќе биде потребна препорака од некој што ме познава лично или пак познава некои од моите ученици или од моите најблиски соработници. Интимата ќе биде задржана како предострожност за задржување на чистотата и светоста на просторот од профаноста на денешните генерации.

Една од дрвените куќички во „Нинџа Селото“ на Буџинкан Македонија

За крај, кои се Вашите планови за следната година? Дали продолжувате со патувањата и подучувањата во и надвор од Македонија?

– Како велат старите, ако сме здрави и живи, продолжуваме со истото темпо. Веќе се закажани неколку меѓународни Нинџутсу семинари низ Европа, а во план ми е повторно да заминам на усовршување кај моите Учители во Јапонија, бидејќи Земјата на изгрејсонцето конечно ги отвори своите врати после пандемијата. Водата е најчиста на самиот извор, а изворот се наоѓа под стапалата на Учителот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО