Другите не се сетија, ама освојувачите на првите медали за независна Македонија сами си го одбележаа јубилејот (ФОТО)

На 14 февруари пред 30 години во Кардиф, Велс, на Европското карате првенство за кадети, јуниори и У-21 беше освоен првиот медал за независна Македонија од Зоран Пејов во младинска конкуренција (-80 кг, У-21), кој се закити со бронза првите медал. Следуваше борнзата на Ангел Георгиев (-67 кг, јуниор) и историското злато на Елвир Куртановиќ (-75 кг, У-21) на Европското карате првенство во 1993 година.

Овој убав јубилеј од надлежните институции беше заборавен, но не и од тогашниот репрезентативец Ивица Митровски кој вечерва ги собра на едно место освојувачите на медалите, репрезентативците, селекторот Чедомир Саздовски во ресторанот „Ваго петрол“ во Штип.

„После престанокот со активно вежбање, мислам на натпреварување во карате, продолжив со спортски активности насочени кон нови правци… планинарење, планинско возење со велосипед, скијање, логорување и други спортови на кои сретнував различни луѓе со различни мотиви за спортување. Во неврзаните муабети со нив спомнувавме кој што, како, се присеќавме на помладите денови. Во таквите муабети ми се заврте во главата: „А ДА ПРОБАМ ДА ЈА СОБЕРАМ СТАРАТА ГАРДА“?! Си реков ќе ги побарам прво по интернет портали (фејсбук), да ги обединат. Така ја направив групата КАРДИФ1993 (месинџер група) која е активна и ден-денес. Со малку повеќе ангажирање успеав некако да ги подсоберам. Арно ама, никако да падне датум за средба. По муабетот со Ангел Георгиев падна договорот, се цитирам: „Ангел, еве на 11.3.2023 година! Првично во ресторан Пуже,Свети Николе. Јас во 19.00 часот доаѓам од Битола. Кој сака нека повели, сите се добродојдени, ако не дојдат да се здрави и живи. Јас и ти ќе пиеме кафе и ќе се потсетиме на старите добри времиња“! И, бидна! Само во друг ресторан, Ваго петрол. Промена поради пренатрупаност во претходниот ресторан“, раскажа Ивица Митровски како ги собрал на едно место освојувачите на медали и репрезентативците од ЕП во1993 година.

Митровски изразува благодарност до Ипон.мк и Венцо Донев за поддршката што ја добиваа од патувањето за Кардиф па до денес.

Какво беше чувството кај освојувачот на бронзениот медал за независна Македонија, Зоран Пејов!?

„Бронзен медал за независна Македонија. Чуството е неопишливо. Многу радост, многу емоции! За првпат се вееше знамето на Македонија (Сонцето од Кутлеш). Огромен успех, со оглед на условите во тоа време. Единствено знам дека се борев со цело срце и душа за Македонија. Целата таа енергија беше крунисана со освојување на историскиот прв медал за Македонија“, раскажува со емоции Зоран Пејов со временска дистанца од 30 години.

Освојувањето на медалот го опишува како многу драматично, затоа што на самото Европско првенство настапуваа повеќе реномирани европски шампиони.

„Знам дека стартував енергично и бескомпромисно уште во првата борба и извојував победа над норвешкиот репрезентативец (повеќекратен освојувач на европски медали). Резултатот беше 7-0  и пласман во второто коло. Се редеа борбите се редеа победите се до последната и освојувањето на бронзениот медал. Знам дека мојата состојба на умот беше во друга димензија и дека ми требаше извесно време да се вратам во сегашниот момент“.

Медалот внесе радост во нашата репрезентација и оптимизам.

„За целата екипа тоа значеше голем мотив и елан да продолжат со истото темпо и со уште појака самодоверба да одат напред“.

Секако, неизбежна тема е дали бронзата можеше да се надмине со посјајно одличје.

„Да, можеше повеќе! Мислам дека можевме да се закитиме со уште некој медал, затоа што целата таа репрезентација беше извонредно подготвена од инструкторскиот тим на чело со единствениот наш селектор проф.д-р.Чедомир Саздовски“ и додаде:

„Условите во кои се подготвувавме во тоа време беа повеќе од самурајски. Затоа што, освен желбата и силниот дух, немавме некоја посебна помош од државата. Меѓутоа, љубовта кон Македонија сите не водеше и едноставно газевме напред низ сите препреки“.

Сепак, како што нагласивме и претохдно, убавиот јубилеј е заборавен.

„Оваа година се одбележуваат 30 години јубилеј од освојувањето на првите медали во каратето (и воопшто во сите спортови во Македонија), и ете, тоа беше одличен повод да се собереме.

За жал, пред неколку години се одржуваше јубилејот „50 години на Карате федерација на Македонија-КФМ“, но тогашното раководство ниту не спомна, ниту не покани на тој јубилеј, што е вистинска срамота за тие луѓе. Но пред фактите и боговите молчат.

Овој јубилеј е организиран од нас за сите каратеки и потсетување дека еден е патот до Карате-до. Тоа е нашиот пат. Ние го пробивме мразот, а после нас уште цела плејада на освојувачи на медали. За кого? За Македонија! Осс!“, истакна Пејов.

Шлагот на тортата беше освојувањето на златниот медал од страна на Елвир Куртановиќ. Медал кој ја направи горда цела Македонија, а радоста можеа да ја почувствуваат само присутните во Кардиф. Сите до еден ја пееја химната и гордо го поздрвуваа македонското знаме.

„Иако секогаш ја сонувам иднината , насочен на Карате спортот неговиот развој и обука на млади спортисти – каратисти, секогаш во моите мисли е еден настан кој во минатото, денес, а и во иднина остана запамтен како историски момент во карате спортот во Р.Македонија, Кардиф 1993, градот кај се одржа Европското првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година .

Веќе 30 години поминаа, но сеќавањата се уште се присутни, атмосферата што тогаш беше присутна во репрензетацијата ги отстрани сите пречки за да се постигме целта, а тоа беше претставување на нашата штотоку признаена Држава. Да ја претставивме во најдобро можно светло! Не се задоволувавме со малку, па и после првиот бронзен медал следеа уште два медали, уште еден бронзен и еден Златен! Сите бевме како еден, не се знаеше кој може да освои медел, па затоа освоените медали беа со сигурност наш заеднички успех! Ако не беа условите поставени како што треба, сигурно немаше да имаме вакви резултати, мислам на физичката форма, психолошката подготвеност, организацијата и сплотеноста – сите како еден до заеднички резултат“, нагласува златното момче Елвир Куртановиќ и додаде:

„Секој момент имаше своја приказна. Во исто време ова беше и една возбудлива авантура, нашите мисли, желби и имагинацијата ги постигнаа нашите можности. Немавме нереални цели, па нашите доминантни мисли во тие моменти се претворија во реалност, да постигнавме историски успех. Ја преставивме Македонија онака како што доликува на една држава, па имавме причина да бидеме горди на себе и на постигнатиот резултат“.

За тогашниот и сегашниот момент

„Кој момент да го опишам како најбитен, кога ги имаше многу. Ние тогаш бевме половина будни. Дали вистински бевме свесни за постигнатиот успех, сега кога целосно сме будни и после 30 години можам да кажам дека тоа минато го оформи нашиот идентитет.

„Пиги клај му Џако“ уште одекнуваат навивачките гласови во моите мисли на целата репрензетација која беше таму, сите гласно од срце ја пеевме нашата химната , атмосферата во автобусот, хотелот, авионот. Се беше онака како во сон, буквално летавме од среќа! Тоа ке се памети“, вели Куртановиќ и нагласува:

„Стигнавме и дома. Но, некако не бевме исти, дочеци, приеми, веселби, честитки од сите страни, а ние главни хахаха, што се случува не требаше да отвориш весници за да не видиш, ние бевме на насловните страници на сите дневни, неделни и месечни весници. „На Св. Трифун и Св. Валентајн Елвир Куртановиќ беше опиен од среќа“ , „Момчето од Гази Баба ја згази Европа“ се само дел од насловите кои и ден денес ги паметам. Моите родители беа пресреќни. Моите другари исто така. Дали јас бев истиот? Дали имав реално чуство за сопственото јас? Дали тоа беше нов почеток и нова можност за мојата иднина? ДА, така е, мојот живот се насочи кон подобра и поперспективна иднина! Останав во спорот и денес сум среќен човек со добро балансиран живот .

Гласот тогаш се слушна, но секогаш ќе се брои, довербата и пријателствата тогаш се создадоа, но и ден-денес опстојуваат, она што во иднина го посакувам е државата што тогаш се формираше секогаш да постои како нешто незаменливо и непроценливо.

Сонувајте ја иднината и сеќавајте се само на најдоброто од минатото“.

Ангел Георгиев како најмлад се бореш храбро и стигна до бронзата како прв кадет каратист, а воедно тоа беше и најголем успех на еден натпреварувач на Партизан од Кочани.

Георгиев го раскажа разговорот со Ивица Митровски за организацијата на оваа средба.

„Се е како сон. Се уште бев млад, а тоа ми даваше сила и бескомпромисно внесување во борбите. Знам дека бев многу радосен. Така и овој момент, односно одбележување 30 години од освојувањето на првите медали во независна Македонија ми ги враќаат возбудата и емоциите“, изјави Ангел Георгиев кој не можеше да ги сокрие емоциите, затоа оставивме простор текстот да го дополниме со сите поединости од историскиот момент во Кардиф на Европскиот шампионат во 1993 година.

Тогашниот селектор Чедомир Саздовски објави кои биле учесниците на ЕП во Кардиф и нивните резултати.

За Македонија настапиле:

КАДЕТИ
1.Раман Бајрамов -60 кг – Партизан-Кочани;
2.Ангел Ѓоргиев -65 кг – Партизан-Кочани;
3.Давор Паниан -70 кг – Студент-Скопје;
4.Игор Митровски -75 кг – Студент-Скопје;
5.Дејан Стојковски +75 кг – Студент-Скопје

МЛАДИНЦИ
1.Петар Белистојаноски -60 кг – Еуроинвест-Прилеп;
2.Дејан Димитријевиќ -65 кг – Лепенец-Скопје;
3.Александар Аврамовски – 70 кгр – Енергопромет-Скопје;
4.Елвир Куртановиќ -75 кг – Цветан Димов-Скопје;
5.Зоран Пејов -80 кг – Вардар-Скопје;
За настап само во екипна конкуренција:
6.Владимир Никуљски –Студент-Скопје;
7.Ивица Митревски – Водно-Скопје;
8.Илче Стојчев – Пелистер-Битола.

КАТИ ПОЕДИНЕЧНО
1.Александра Величковска –Аеродром –Скопје
2.Жарко Стојановски –Орце Николов –Скопје

„Тренинзите за репрезентативците од Скопје се одвиваа секојдневно во салата на Академски карате клуб Студент, додека останатите репрезентативци во своите матични клубови и за време на викенд подготовки во Скопје. По завршувањето на контролниот турниур на 16.01.1992 година во Кочани, сите репрезентативци продолжија со заеднички тренинзи во Скопје, од каде на 23 јануари заминавме на завршните висински подготовки во Крушево. Подготовките траеја до 30 јануари, на истите се одзваа сите избрани репрезентативци, а во реализацијата ми помагаше тогашниот помошник тренер Ванчо Димитровски од Кочани. Исполнувањето на поставените задачи, репрезентативците со целосна дисциплина и лична пожртвуваност и одговорност ги извршуваа во целост, при што секогаш наоѓаа приќина повеќе за меѓусебно да се мотивираат и успешно да ги реализираат поставените задачи. На дневна основа се одржуваа по три тренинга и сите беа успешни и без повреди.

На 6-ти февруари заминавме за Република Бугарија, при што учествувавме и на контролните турнири организирани од страна на Бугарската карате федерација притоа и кадетите и младинците во екипна конкуренција ги освоија пехарите за првите места.

На 10-ти февруари од Софија заминавме за Лондон, а од таму за Кардиф, каде по сместувањето во хотел Арлингтон дипломат и на 11 и 12 февруари, во сала на еден џудо клуб ги одржавме и последните тренинзи пред нашиот настап на ЕК шампионат.

РЕЗУЛТАТИ:
Во екипна конкуренција првиот меч го имавме со Франција (на крај го освоија второто место) и истиот го загубивме со 4-1, а тимот го сочинуваа следните репрезентативци: Елвир Куртановиќ, Зоран Пејов, Александар Аврамовски, Дејан Димитријевиќ и Ивица Митревски.

Во репасажот имавме меч со репрезентацијата на Словенија, а нашата репрезентација беше во состав: Елвир Куртановиќ,Александар Аврамовски, Зоран Пејов, Илчо Стојчев и Владимир Никуљски, а при резултат 2-2 но, заради подобра поен разлика (8-7) и овој меч го изгубивме со што нашиот настап во екипна конкуренција заврши.

ИНДИВИДУАЛНО КАДЕТИ:
1.Ангел Ѓоргиев, се натпреваруваше во категорија до 65 килограми, во конкуренција на 21 натпреварувач го освои БРОНЗЕНИОТ МЕДАЛ.

Резултати: -прво коло беш слободен; службено
-Ѓоргиев – Вуловиќ (СР Југ.) 2-1
-Ѓоргиев – Иванов (Словенија) 2-0
-Ѓоргиев – Андави (Франција) 1-3
Репасаж: Ѓоргиев – Бек (Белгија) 2-0

2.Елвир Куртановиќ се натпреваруваше во категорија до 75 кг, во конкуренција на 28 натпрварувачи го освои првото место, што бесхе и првоосвоен ЗЛАТЕН МЕДАЛ, од официјално европско првенство од сите спортови во Македонија.

Резултати: -Куртановиќ – Хамот (Франција) 4-1
-Куртановиќ – Петре (Романија) 1-0 (на продолжение)
-Куртановиќ – Хегедуш (Чешка) 2-0
-Куртановиќ – Милер (Австрија) 2-0
-Куртановиќ – Матео (Шпанија) 2-0

3.Зоран Пејов се натпреваруваше во категорија до 80 кг и во конкуренција на 29 натпреварувачи и го освои БРОНЗЕНИОТ МЕДАЛ.

Резултати: -Пејов – Форберт (Норвешка) 6-0
-Пејов – Федерау (Германија) 2-1
-Пејов – Питерс (Белгија) 2-1
-Пејов – Ферарини (Италија) 0-6
Репасаж -Пејов – Ристиќ (СР Југославија) 4-3

Со жалење ќе напоменам дека репрезентативците Дејан Стојковски во кадестска и Александар Аврамовски во младинска конкуренција извојуваа по 3 (три) победи и во борба за бонзен медал доживеаја порази, (Стојковски во продлжение, а Аврамовски заради повреда, односно заради изречена лекарска забрана) при што остварија пласман на 5 место.

Александра Величковска во конкуренција на 13 учеснички се пласира во финалето и го освои 8 (осмото) место, што претставувасхе висок резултат.

Нашата репрезентација во конкуренција на 33 земји учеснички освои ЕДЕН ЗЛАТЕН и ДВА БРОНЗЕНИ МЕДАЛИ. И, од 13 земји кои освоија медали, МАКЕДОНИЈА ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН ГО ОСВОИ 5 – то МЕСТО, што за сите нас претставуваше извонредно висок резултат.

Истата 1993 година Елвир Куртановиќ беше избран за СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА а Чедомир Саздовски за СЕЛЕКТОР НА ГОДИНА, споделена титула со Селекторот во пливање Димитрија Поповски.

Драги репрезентативци, и денес се гордеам со Вас и Вашите резултати постигнати за независна и самостојна Македонија….
Заедно со Вас, моите тогашни помошници Ванчо Димитровски од Кочани и Ѓорги Тасевски од Битола, како и со вашите клупски тренери, испишавме историја“, напиша на Фејсбук Чедо Саздовски по повод 30 години од освојувањето на првите медали за независна Македонија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО