БК Охрид нема пари да функционира, иако има врвни боксери!

BK Ohrid bokser vo kacija

Охридскиот боксерски клуб поради недостаток на финансиски средства го откажа учеството во националниот шампионат, кој стартува за помалку од месец дена, пишува порталот OhridNews.com. Клубот нема да згасне туку ќе хибернира се додека не се најде некое идеално решение.

 – Со тешко срце ја соопштувам оваа наша одлука дека ние се откажуваме од понатамошните натпревари на државно и меѓународно ниво. Две-три години некако се боревме и наоѓавме начини за опстојување на клубот, но вака повеќе не оди. Од година во година се зголемуваат трошоците, а ние немаме финансии за основните работи за кои не треба ниту да се дискутира. Побаравме помош од сите институции, но никој не сакаше да ни подаде рака по што нашето откажување беше неминовно. – рече тренерот во клубот, Митко Нестороски.

borba bk ohrid

Моментално во охридскиот клуб членуваат дваесет боксери од кои половина константно се натпреваруваат, а меѓу нив се и македонските репрезентативци Бојан Ристески и Сашо Лескароски.

–  Во оваа календарска година има најмногу натпревари на кои требаше да учествуваме. Шлаг на тортата ќе беше нашето учество на Европското или Светското првенство за јуниори, но ете не испадна како што сите сакавме и планиравме. Минатата година трениравме и се боревме со сета сила за што подобри услови за оваа, но ова веќе не се трпи и немаме друг избор –потенцираше Нестороски.

Охридскиот клуб долго време немаше ниту оптимални услови за тренинг по што беше невозможно да се работи и со помладите боксери.

– Мене лично не ми се оди на тренинг бидејќи е ладно, а не пак на другите членови од клубот. Место да тренираме, да се одржуваме во живот и да одиме напред ние ќе се бориме со настинките кои се неизбежни во такви услови и ќе се вратиме десет чекори назад. Поискусните боксери тренираат самоволно и денски бидејќи невозможно е да се тренира навечер во зимски услови. – истакна тренерот на клубот.

boks ohrid

Боксерите од Охрид се редовни учесници на сите меѓународни борби во Македонија и земјите од Балканот.

– Нашите резултати имаат голема тежина бидејќи се работи за циклуси. Редовно имаме боксер со пласман меѓу првите тројца, а години наназад имаме апсолутни шампиони на Македонија. Минатата година учествувавме на сите турнири на кои бевме поканети и исто забележавме одлични резултати, но јалово е кога во Охрид никој нема слух за спорт. Сакаме и најавуваме дека ќе го развиваме спортот, но никако некој да го направи тоа и конечно нашиот град да излезе од спортската летаргија. – заклучи Нестороски.

Тренерот на Охрид смета дека спортот е неопходен за сите нас, а најмногу за децата кои преку спортот ќе добијат вистински правец во животот.

– Во спортот е иднината. Младината мора што повеќе да спортува бидејќи само така може да се тргне од лошите пороци кои се повеќе ги има околу нас. Спортот ќе му помогне на човек да се изгради во вистинска личност и да се бори со сите предизвици во животот. Ситуацијата со боксот нека биде репер за сите, затоа што на Охрид не му е потребен спорт туку му e неопходен. Се помалку гледам околу мене вљубеници во спортот што е навистина загрижувачки и ситуацијата станува алармантна – заврши Нестороски.

prezemeno od OhridNews.com

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО