Александар Арсовски: Петар покажа ревност, глад за резултати и ментална подготвеност да биде на висина на задачата

„Како тренер или повеќе кажано како ментор на овој млад спортист можам да го изразам своето задоволство од постигнатиот успех“, вели тренерот и татко на освојувачот на бронзениот медла на Европското бокс првенство за млади, Петар Арсовски, Александар Арсовски и додава:

„Воедно, сакам да нагласам дека можевме да одиме еден чекор погоре за подобар резултат, односно финале и борба во која ќе го имавме среброто, бидејќи Англичанецот што стана првак е класа над другите“.

Тој вели дека шампионот не е непобедлив, туку дека потребно е многу брусење за да се победи таков противник.

Дали е задоволен од настапот на Петар и дали можеше повеќе во полуфиналето, постариот Арсовски вели:

„Кога веќе емоциите се на нормално ниво, многумина ме прашуваат дали сум задоволен од резултатот, бидејќи во оваа ситуација сум тренер-татко.

Во конкуренција на 21 противник во категоријата до 54 килограми, каде Пепка, според датумот на раѓање, беше најмлад од сите, а знаеме дека настапуваат боксери родени во 2004 и 2005 година, резултатот е за почит.

Исто така, сакам да нагласам дека ова е трето ЕП за Петар, а на последното, како јуниор, брутално беше украден во мечот за медал и сето тоа остава траги како ќе се одвиваат работите.

Петар покажа ревност, глад за резултати и даде ментална подготвеност да биде на висина на задачата“.

Целиот подготвителен и предподготвителен период започна во септември минатата година и натпреварувачки смисла беше 9-1, помина во најдобар можен ред.

„Лично, знам дека може многу повеќе. Ги има сите услови за тренажен процес, бидејќи веќе 4 години настапува за Локомотив Софија. Може уште многу пати да тренира со европските медалисти. Со нив е и златната од Олмписките игри во Токио 2021, Стојка Петрова. Со континуираниот настап во бугарската лига во иднина треба да покаже дека бронзениот медал е мало одличје за него“,  истакнува Арсовски и додава:

Развојот на спортистот е под влијание на објективни и, се разбира, субјективни причини. Се надевам дека во иднина ќе имаме подобар настап и пласман, меѓутоа дотогаш има уште многу работа“.

Европско првенство за млади:

54 кг
Петар Арсовски – Матус Јаницек (Словачка) 3-2 
Петар Арсовски – Ремус Велис Антонио (Грција) 5-0
Полуфинале
Петар Арсовски – Љубослав Методиев (Бугарија) 0-5

Со освојувањето на бронзениот медал Петар Арсовски се запиша во историјата на македонскиот бокс и се нареди до имиња како што Примислав Димовски, Фатон Салиху, Дарко Чатлески, Денис Георгиевски и Ардијан Аземи.

Првиот медал на европските првенства за Македонија е освоен пред 27 години од Прислав Димовски на ЕП во Турција 1995 година за кадети, бронза. Во истата конкуренција на ЕП во Битола 1997 година освоивме три медала – 1 златен и 2 бронзени. Фатон Салиху го освои златниот, а Дарко Чателски и Денис Георгиевски бронзените. Во 2020 година Ардијан Аземи во Будва, Црна Гора, го освои бронзениот медал во јуниорска конкуренција, прв за Македонија кај јуниорите.

Вели Мумин бронзи за сениори на ЕП 2006 во Истанбул и 2008 година во Ливерпул.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО