„Тој е животно и еден од најдобрите тешкаши на сите времиња, а оваа работа кај него е различна од другите“

Александар Усик се етаблираше како апсолутен крал на боксот во тешка категорија со нокаутирањето на Даниел Дубоа на Вембли пред минатиот викенд, додавајќи го ИБФ во својата колекција од ВБА, ВБЦ и ВБО појаси. Иако помина недела ипол, за настапот на непоразениот Украинец на иконскиот англиски стадион сè уште се зборува во боречките кругови, а еден од последните што го даде својот став е коментаторот на УФЦ, Џо Роган.
„Тој е животно. Толку е е*ачки добар … Само погледнете што направи овој човек; го победи Ентони Џошуа двапати, го победи Тајсон Фјури двапати, а сега и Дубоа по втор пат. Лудо е, ова се најдобрите тешкаши на оваа ера. Мислам дека е еден од најдобрите тешкаши на сите времиња“, рече најпопуларниот поткастер на денешницата во претпоследната епизода на ЈРЕ (гостин беше полутешкашот на УФЦ, Халил Раунтри) и продолжи:
„Неговото движење е различно … „AJ“ рече дека никогаш не бил толку исцрпен како кога се борел со него бидејќи постојано се движи, нема одмор со него. Постојано се „влечеш“ и размислуваш од каде ќе дојде следниот удар, нема опуштање во ниту еден момент. Секогаш велев дека е како џиновски Ломаченко, двајцата биле тренирани од таткото на Ломаченко. На снимката од последната комбинација што го погоди Даниел, можете да го видите неговиот чекор на страна, а потоа и тоа пеколно лево кроше … Боже, колку добро го направи тоа“.



