Тони Јока го прозва Филип Хрговиќ: Ние двајцата имаме долга историја

Францускиот тешкаш Тони Јока покажа интерес за меч против најдобриот хрватски боксер, Филип Хрговиќ.
Покрај борбата против Ел Енимал, олимпискиот победник од Рио се надева дека ќе се бори и против Џо Џојс и Џозеф Паркер.
„Преговараме со Џојс веќе некое време, тоа е борба што ја сакам и што би можеле да ја организираме за септември. Тоа би бил реванш на финалето од Олимписките игри. Исто така, имам долга историја со Хрговиќ“, истакна Тони Јока и продолжи:
„Во нашите аматерски денови се боревме три пати, а истото беше и со Паркер. Хрговиќ, Паркер и јас сме иста генерација. На јуниорското Светско првенство во 2010 година тројцата бевме на подиумот. Се познаваме долго време и навистина би сакал да се борам со нив кога сите ќе бидеме професионалци.
Хрговиќ и Јока досега се сретнаа три пати на аматерскиот ринг. Французинот го победи Филип во полуфиналето на Олимписките игри во Рио 2016 година и потоа освои злато, додека хрватскиот боксер освои бронза.
Јока го победи Хрговиќ една година претходно на Светското првенство за аматери во Доха, додека Филип славеше против Тони во 2010 година во Баку на Светското јуниорско првенство, и тогаш ја освои титулата.
„Секогаш ќе верувам дека сум подобар боксер (од Хрговиќ и Паркер). Не е тоа што не ги почитувам, туку едноставно нема многу тешкаши кои имаат поголема вештина од мене. Тоа е мојот најголем дар. Како професионалци, боксираме повеќе рунди, па затоа физичката форма е многу важна тука“, подвлече Тони Јока.



