Џарел Милер открива дека Ентони Џошуа го одбил четири пати: Бара полесен противник

Поранешниот двократен светски шампион Ентони Џошуа беше подложен на операција на лактот пред неколку недели и сè уште не е подготвен за сериозен тренинг.
Неговиот промотор Еди Херн изјави дека треба да се врати на борбите до крајот на годината, но сè уште не е познато кој би можел да биде неговиот противник.
Британецот последен пат се бореше во септември минатата година кога загуби од Даниел Дубоа со нокаут во петтата рунда на преполниот Вембли.
Американскиот боксер Џарел Милер неодамна откри дека му понудил борба на Еј-Џеј неколку пати, но секој пат бил одбиен.
„Ентони Џошуа ја одби борбата – неодамна рече Џарел Милер, а во интервју за Токспорт откри повеќе детали:
„Еј-Џеј во последниот месец одби борба четири пати. Бара полесен противник за враќање. Жал ми е, но морам да им кажам на неговите фанови дека Еј-Џеј е голема вреќа ѓубре“.
Милер и Џошуа требаше да се борат повторно во јуни 2019 година во Медисон сквер гарден.
Американскиот борец не го помина допинг тестот пред мечот, па како замена влезе Енди Руиз Јуниор, кој го шокираше светот со нокаутирањето на Џошуа.
Неколку месеци подоцна, Џошуа го победи Руиз во реванш и ги врати појасите за светски шампион.



