Викторија Варадинова: Со новата тактика и стратегија поставена од тренерот Митровски дојдоа успесите

Викоторија Варадинова од Кик бокс клубот Шампион со настапот на Меѓународниот турнир „Трофеј Белград“ покажа дека е една од најталентираните кикбоксерки во Македонија и дека од нејзе може да очекуваме врвни резултати. Варадинова извојува четири ефектни победи и освои две злата во киклајт во категориите до 60 и до 65 килограми.

На „Трофеј Белград“ освои две злата во две категории и го освои признанието најдобар борец на турнирот на татами. Очекуваше ли ваков успех?

-Ќе бидам искрена. Од една страна, очекував затоа што знам кои квалитети и способности ги поседувам. Плус долгогодишното искуство, напорните тренинзи, дисциплина  и редовноста придонесоа за овој успех. Воедно, и кога имам тренер како што е мојот, Дејан Митровски-Урко, резултатите се неизбежни.

Дали ова значи дека има промени во пристапот на подготовките со што формата е во нагорна линија?

-Да, се подготвува нова тактика и пристап кон тренинзите, со што ќе се отстранат грешките кои несвесно ги правев во борба и честопати ме чинеа победа.

Дали паузата поради коронавирусот влијаеше на формата, бидејќи некои од настапите не беа на највисоко ниво?

-Премногу натпревари на кои требаше да се учествува се откажаа. Затворените сали и теретани имаа удел во формата, како и нејзино враќање на исто ниво. Но, да се надеваме дека веќе сето тоа е надминато и ќе успееме да го надополниме изгубеното.

Престојат неколку значајни натпреварувања, како Европското сениорско првентсво. Што може да очекува македонската спортска јавност?

-Во најбрзо време не очекува Државното првенство, како и меѓународни првенства и купови. Но, секако акцентот е ставен на Европското сениорско првенство, за кое, се надевам, дека ќе обезбедам норма за учество. На претходното европско во Скопје освоив бронзен медал, но како јуниор. А како сениор ќе видиме.

Како ќе се подготвуваш за овие натпераври?

-Тренинзите и подготовките се веќе во тек и во целост се препуштени на тренерот Урко, за кого сметам и сум сигурна дека ќе донесат најсјајни резултати. Голема помош и поддршка имам од матичниот клуб Шампион-Скопје и фитнес центарот Магнус, кои ми ги обезбедија најдобрите услови.

Ќе имаш ли профи мечеви?

-Се уште е рано да кажам штобило во врска со профи мечевите, но може да се очекуваат нови и големи резултати на тоа поле.

Кикбоксот е се поблизу да дебитира на Олимписките игри. Ќе ја видиме ли Викторија Варадинова на ОИ?

-Мислам дека тоа е сонот на секој спортист. Сите откажувања од нормалниот живот, тренинзи, напори, повреди се само пат кои треба да се изоди за да се стигне до ОИ. Успех е самото исполнување норма за учество, а камо ли и резултат. Тоа ми е најголемиот сон!

Можеш ли да издвоиш барем една причина на што се должат овие резултати и успеси а тоа да не се напорните тренинзи?

-Да. Би ја издвоила поддршката од мојата мајка и моето момче Марио, кои несебично ми ја пружат во секој момент и во секое време се до мене за што и да ми е потребно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО