Утре се одбележува Светскиот ден на џудото, централниот настан е во Скопје

Утре е Светскиот ден на џудото 28 октомври кој ќе се одбележи секаде во светот.

Во нашата земја централниот настан е закажан во спортската сала „Македонско сонце“ при основното училиште „11 Октомври“ во Скопје (од 12 часот) во Скопје, притоа заеднички ќе тренираат и ќе ги претстават своите вештини џудисти од повеќе македонски клубови, во согласност со годинашната тема за Светскиот ден на џудото – „Пријателство“.

Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) осма година по ред ќе биде дел од глобалното одбележување на Светскиот ден на џудото, кој традиционално се прославува на 28 октомври, роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано.
Темата „Пријателство“ е наследник на темите „Храброст“, „Џудо за светот“, „Единство“, „Чест“, „Упорност“, „Џудо за сите“ и „Почит“, кои изминатите седум години го одбележуваа денот на тренерите, џудистите и сите оние што ја чувствуваат пасијата кон еден од најпрактикуваните боречки спортови во светот.
Повеќе од 40 милиони луѓе од целиот свет секојдневно тренираат џудо.

Интернационалната џудо федерација (ИЏФ) има повеќе од 200 национални федерации и пет континентални сојузи. Иако џудото е боречки спорт, џудистите секојдневно за време на тренинзите, натпреварите, како и секој 28 октомври, на татамите и надвор од нив, покажуваат дека „џудото е повеќе од спорт“ и дека преку џудото може да се живее заедно, во единство и во пријателство и, што е најважно, со почит едни спрема други.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО