Тренерот на Александар Волкановски смета дека Јаир Родригез е голема закана за шампионот

УФЦ перо категорија Александар Волкановски ја брани титулата против Јаир Родригез следниот викенд.

Нивниот меч ќе биде главен настан на УФЦ 290, кој ќе се одржи на 8 јули во T-Мобиле арената во Лас Вегас.

Тоа ќе биде прв настап за Волкановски по поразот во февруари од Ислам Махачев во борбата за титулата шампион во лесна категорија.

Австралиецот со македонско потекло (битолско) се соочува со можеби најголемиот предизвик во кариерата во перо категорија, а така мисли тренерот на Алекс, Јуџин Бареман.

„Јаир ќе биде најголемиот тест за Александар во кариерата. Ќе мора сериозно да му пристапи на мечот и неговиот уникатен начин на борба на нозе каде што го нарушува ритамот на противникот“, изјави Јуџин Бареман и продолжи:

„Но, мислам дека вештините на Александар ќе донесат предност. Сето тоа може одлично да го искомбинира, да се бори и да го скрати растојанието и на крајот да го порази Јаир. Најголемата предност на Волкановски е што одлично ги знае сите вештини и уште подобро ги комбинира“.

Во последниот меч против Џош Емет, Мексиканецот Јаир Родригез, кој со принуда во втората рунда го совлада и го освои појасот за привремен шампион, покажа како израснал во многу квалитетен борец. Сега има можност да го потврди тоа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО