СП: Сејфулаху достоинствено, Егоров направи грешка на крајот (ВИДЕО)

 

Елмедин Сејфулаху (-61 кг) и Владимир Егоров (-57 кг) се поразени во квалификациите на Светското првенство во борење слободен стил во Париз, Франција.

Сејфулаху се сретна со многу поискусниот Харфул Харфул од Индија кој е освојувач на повеќе медали од големите натпреварувања и до пред крајот на првата рунда губеше со 0-1, но во една акција направи грешка која противникот ја искористи и направи водство од 0-5 кое во почетокот на втората рунда се зголеми на 0-8. Сејфулаху тргна агресивно во продолжението на борбата, без успех, затоа што Харфул, едноствано, беше недофатлив.

И Егоров грешката го чинеше пораз и тоа при резултат 4-4. Кореанецот Сунгвон Ким по тој момент зголеми на 8-4. Егоров се врати во борбата по водството од 3-0 за Кореанецот и намали на 3-2. Во втората рунда Ким поведе со 4-2 со истуркување на Егоров од душекот. Потоа Владимир со добра акција изедначи на 4-4. На 38 секунди до крајот Егоров тргна во напад, односно се фрли во нозете на противникот кој успешно го избегна нападот со контра акција поведувајќи со 6-4, а потоа и со 8-4. Егоров се обиде да направи акција но не успеа во намерата.

Нашите репрезентативци не добија шанса за репасаж, бидејќи нивните противници беа поразени во четвртфиналето.

Уште Мохамедгаџи Нуров во категоријата до 97 килограми треба да настапи на Светското првенство. Дали Нуров може да дојде до позиција да се бори за медал како на Европското првенство?

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО