Смакиќи порача дека не се чувствува лошо: Тоа беше чист удар! Екипата на Усик размислува за мечот со Хрговиќ

Спаринг партнерот на Фјури, Агрон Смакиќи, кој наводно на Џипси Кинг му направил расекотина над десното око, за прв пат проговори по инцидентот.

По несреќата британскиот тешкаш го одложи мечот против Александар Усик за апсолутен светски шампион во тешка категорија кој требаше да се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија.

Промоторот Френк Ворен изјави дека инцидентот се случил во петокот наутро додека Фјури бил на спаринг со хрватскиот боксер.

Бокс ток (според Сан) тврди дека во СМС порака по спарингот, Смакиќи рекол:

„Беше чист погодок, така што не се чувствувам лошо“.

Многу медиуми пишуваат дека тимот на Усик моментално е во преговори за потенцијална борба против задолжителниот предизвикувач на ИБФ Филип Хрговиќ.

„Квинсбери промоушнс“ соопшти дека лекарите ќе ја проценат повредата на Фјури пред да се преземат какви било дополнителни чекори кон одредување нов датум за борбата за обединување.

„Иако ова е сè уште ударна вест, очигледно е огромно разочарување по големата работа што ја направивме за да ја организираме историската борба. Кога лекарите ќе ја проценат повредата на Тајсон, ќе знаеме повеќе за тоа колку долго ќе треба да заздрави. Кога ќе имаме повеќе информации, ќе почнеме да разговараме и ќе се обидеме што поскоро да ја организираме таа голема борба во Саудиска Арабија“, се вели во соопштението за печатот на Квинсбери промоцијата.

И промоторот на Усик, Александар Красјук, истакнува дека размислуваат да му договараат меч на светскиот шампион против најдобриот хрватски боксер Филип Хрговиќ.

„Името на Хрговиќ може да се спомене само сега. Тој е единствената опција што ја имаме бидејќи е задолжителен предизвикувач на ИБФ. А ИБФ е единствената пречка меѓу четирите федерации што може да направи идниот меч за обединување на титулата да изгледа невозможен. Ако Усик не се бори со задолжителниот предизвикувач, ИБФ ќе му ја одземе титулата и затоа размислуваме за Хрговиќ“, изјави Александар Красјук и додава:

„И Хрговиќ сака да се бори со Усик, што го потврди за ЕСПН. Неговите луѓе тврдат дека тој може да скокне ако е задоволен од комерцијалната страна и тоа е апсолутно позитивна вест за сите, вклучително и организаторите“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО