Шабан Трстена во среда по втор пат ќе доделува „Златен олимписки оскар“

Свечената церемонија на доделувањето на пет Златни олимписки оскари ќе се одржи во среда, во 11:45 часот, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Оскарите ги доделува олимпискиот шампион Шабан Трстена на личности, инситуции и новинарски куќи кои ја следеле и ја помогнале неговата богата кариера.

Да потсетиме дека минатата година за прв пат беа доделени Златните олимписки оскари, а добитиници беа претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт, поранешниот селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани, како негов тренер.

„Имајќи го предвид големиот сон што сум го почуствував длабоко во мојата спортска душа, по долг и макотрпен пат, конечно ја постигнав целта – сонот да го претворам во реалност. Па така, денес и засекогаш, моето име достоинствено и гордо стои таму каде што со златни букви се испишани имињата на светските великани, на врвот на Олимп“, вели Трстена.

Незаборавен спортист, ас над асовите, неповторлив, освоил се што требаше да се освои, олимписки шампион, олимписки вицешампион… сега веќе спортска легенда…

Борачот Шабан Трстена е спортист на милениумот во 2000 година.

„Прогласен сум за најмлад шампион во историјата на олимпизмот на 19 – годишна возраст, затоа и се чувствувам горд што во 122 години олимпизам, што до ден-денес останувам носител на рекордот, најмлад освојувач на златен олимписки медал. Исто така, четири години подоцна на следната олимпијада во Сеул во 1988 година, повторно се искачив на пиедесталот, овој пат освојувајќи го сребрениот медал. Два пати сум прогласен за најдобар борач во светот и во Европа, и тоа во олимписките години 1984 и 1988, спортист на 20. век во Република Македонија, седум пати најдобар спортист на Македонија и 10 пати најдобар спортист на град Скопје. Прогласен сум за најдобар спортист во поранешна Југославија во олимписката 1984 година“, посочува Трстена на неговата богата спортска историја.

Трстена по повод доделувањето на Златните олимписки оскари ќе рече: „Чест ми е и задоволство, како спортист на 20. век, со доделувањето на наградата Златен олимписки оскар да го изразам моето признание за луѓето кои многу години, во најтешките времиња беа покрај мене, а истовремено ја изразувам мојата почит за секого кој знаел да го цени и вреднува мојот успех, а особено олимписките вредности“.

Свечената церемонија на доделување на Златниот олимписки оскар е востановена како традиционална награда од Шабан Трсетна кој секоја година ќе доделува по пет олимписки оскари, кои го претставуваат симболот на златниот олимписки медал за истакнати личности.

Ipon.mk

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО