Сепак, медалот од Токио останува најголем успех во независна Македонија по денешните квалификации за ОИ

Македонскиот репрезентативец Дејан Георгиевски остана без олимписка норма и нема да го брани сребрениот медал на Летните Олимписки игри (ЛОИ) 2024 во Париз.

Георгиевски денеска беше поразен со 1-2 во рунди од белорускиот репрезентативец Плонес, а со тоа згасна надежта на македонскиот таеквондист за нов поход по медал на следните Олимписки игри.

Сребрениот медал на Георгиевски од Токио засега ќе остане најголемиот успех, а македонскиот репрезентативец ќе чека шанса во следните години за повторување или постигнување на поголем успех.

„Нормата ни замина од пред очи, немаме норма за Олимписките игри во Париз. Загубивме 2-1 во рунди од Плонес репрезентативец на Белорусија.

Историјата од Токио, олимпискиот средбрен медал останува најголемиот државен спортски успех во независна Македонија. Единствената реална опција да се повтори или засили тој успех беше повторно Дејан Георгиевски. За жал, не успеавме овој пат !

Живеевме за овој ден, дадовме жртва и над максимум, мотивот Македонија ни беше се, се разбира ќе остане, уште посилно.

Овој олимписки циклус покрај голем број повреди , во државата и сите институции кои требаше да помагаат имавме суров противник, но за тоа во следна прилика.

Одиме понатаму, оваа златна таеквондо приказна ќе трае уште многу време. Дејан не го кажал послениот збор а новите генерации најавуваат нова историја“, вели тренерот Дарко Костовски во објавата на Фејсбук.

Сега сите погледи се свртени кон Мила Рељиќ која настапува утре.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО