Реално аикидо – врвни одбранбени техники на соке Љубомир Врачаревиќ

РЕАЛНИОТ АИКИДО претставува стил на Аикидо кој го оформил Љубомир Врачаревиќ – мајстор 10 дан. Тоа е практична и ефикасна вештина на самоодбрана која што ги применува супериорните одбранбени техники засновани врз законите на природата. Карактеристична е примената на атеми ваза (збунувачки удари) во виталните точки коишто служат за свртување на вниманието на противникот што е сосема доволно непречено да се заврши техниката. Својата кулминација Реалниот Аикидо ја достигнува при одбрана од повеќе напаѓачи. Основна карактеристика е константно, флуидно и рационално движење, со изведување на ефикасни техники коишто овозможуваат многу сигурна и квалитетна самоодбрана.

Примената на оваа комплексна вештина ја зајакнува концентрацијата, координацијата, волјата, решителноста, самодовербата, се зголемува отпорноста на стрес и слично. Основна поставка на Реалниот Аикидо е ефективно да се совлада противникот, а притоа физички да не се повреди. Меѓутоа, во случај на таква потреба, може да биде и многу опасно оружје.

Љубомир Врачаревиќ со Аикидо започна да се занимава од 1968 година. До тогаш тренирал џудо и џиу џицу, при што стекнува титула мајстор на овие вештини, а воедно продолжува да се усовршува кај мајсторот Хироши Таде – 9 дан. Оттогаш интензивно работи на пропагирањето на Аикидо.Во 1978 година прв пат оди во Јапонија и тренира кај Кишомару Уешиба 10 дан, син на основачот на Аикидо Морихеј Уешиба. Програмите за специјална обука на војската, полицијата и телохранителите му донесуваат меѓународна репутација.

Почитувајќи го знаењето на јапонските мајстори, Врачаревиќ го усовршува својот стил на работење. Издвоил повеќе од сто техники, со нивно прочистување и применување на знаењето од другите боречки вештини ја засилува ефикасноста и применливоста на техниките, со што го создал својот стил – реално Аикидо. Тоа е одлично флексибилен и широко применлив систем на одбранбени техники. Неговото комбинирање е според барањата во одредени ситуации, преку добро движење кое што е мошне важен елемент со кој се постигнува максимална ефикасност.

При второто доаѓање во Токио, 1993 година во Јошинкан, Врачаревиќ се запознал лично со Гозо Шиода 10 дан и добил сертификат за учество на семинарот, како потврда за прифаќањето на Реалното Аикидо од страна на големиот мајстор Шиода. Месец подоцна тој добива дозвола да ја посети Царската палата, и во таа пригода се запознава и разменува искуства со главниот инструктор на царската гарда.

Љубомир Врачаревиќ во 1993 год. го основа Светскиот центар за Реално Аикидо, организација која го насочува работењето на националните федерации од преку 30 држави од 4 континенти.

Врачаревиќ е носител на титулата Академик на Аикидо доделена од страна на Руската Академија. Од 1996 година Љубомир Врачаревиќ е професор на Вишата школа за спортски тренери на Белградскиот Универзитет, а од 1998 година во Белград почнала со работа неговата школа за професионални телохранители.

На 9 август во Далас – Тексас, на мајсторот Љубомир Врачаревиќ доделена му е најголемата титула во боречките вештини – 10 Дан – Соке, како основач на стилот Реално Аикидо.

Со ова унапредување, највисоко во светот на боречките спортови и вештини, Љубомир Врачаревиќ влезе во друштвото на малубројните основачи на стилови и избрани врвни светски мајстори.

Мајсторот Врачаревиќ чие име во 2002 година беше запишано во „Куќата на славните” со титулата Гранд Мастер, во 2003 година стана член на Меѓународниот совет на големи мајстори (International Martial Arts Headfounders Grand Masters Council, носители на 10 Дан во различни боречки вештини), како и директор на истата институција за Југоисточна Европа. Со сите овие признанија реалниот аикидо влезе во класификацијата на боречките вештини како автентична боречка вештина.

Со добиените бројни покани за презентирање на реалниот аикидо на неколку големи семинари ширум Америка, како и остварените бројни контакти со други организации и асоцијации на боречките вештини, а пред се презентираниот квалитет на реалниот аикидо пред Меѓународниот совет на големите мајстори, реалниот аикидо како најефикасна вештина на самоодбрана на широка врата влегува и на Американскиот континент.

Од книгата „Релен аикидо за деца и возрасни“ од Ѓуро Илиќ – основоположник на реалното аикидо во Македонија

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО