Поранешната светската шампионка во карате Снежана Пантиќ ја загуби битката со ракот

На 44-годишна возраст почина Снежана Пантиќ, легендарната српска каратистка.

До бракот со тогашниот голман на Партизан, Ѓорѓе Пантиќ, оваа зрењанинка се прослави под моминското презиме – како Снежана Периќ.

Всушност, таа во 2002 година стана најмладата светска шампионка во карате во Мадрид. Имаше неполни 24 години кога стигна до златото во апсолутна категорија.

Родена на 18 јуни 1978 година, во својата богата кариера стана европска шампионка (2006), а до пензионирањето во својата спортска ризница донесе повеќе од 30 титули и над 100 медали.

Нејзините колеги ја опишуваат како бескомпромисна личност која до последен момент се бореше за својот живот. И покрај сите успеси на спортски план, таа во себе носеше голема болка, уште додека беше активна каратистка, нејзиниот татко почина од рак и во едно инервју изјави дека највеќе на светот се плаши токму од болест.

„Не е срамота да се биде болен, но е срамота ништо да не се прави тоа да се спречи. Често слушам дека луѓето одбиваат да одат на редовни котроли бидејќи не сакаат да дознаат за некоја скриена болест. Тоа за мене е страшно и не можам да го разберам таквото однесување“, зборуваше своевремено Снежана Пантиќ.

Таа на крајот на кариерата му остана верна на спортот во кој се прослави и кој го прослави во Србија, па доби покана од Светската карате федерација да стане членка на нејзината спортска комисија.Таа и Ѓорѓе Пантиќ се венчаа во 2006 година, а двајцата ја добија ќерката Мања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО