„Наредниот медал ќе биде злато, сигурно“, вели освојувачот на единствениот медал за Македонија на Европското карате првенство за сениори во Газиантеп во Турција, Петар Спасеновски.
Репрезентативецот на Македонија, кој е член на КК Макпетрол, во борбата за бронзениот медал во категоријата до 84 килограми слaвеше против Оз Мурат од Турција со 2-0. Спасеновски борбата ја реши во последните 15 секунди кога поведе со 1-0, а на 10 секунди пред крајот и со 2-0. Борбата претходно се водеше од дистанца и немаше многу акција, но во критичните 15 секунди Петар беше повешт и славеше со 2-0 за бронза на сениорското Европско првенство.
За првите впечатоци Спасеновски вели:
„Па, прв впечаток е дека сум среќен, затоа што заврши се како што треба. Се држев до тактиката и бев максимално сконцентриран, а тоа доведе до позитивен исход во борбата“.
До пред крајот водевте позициона борба, за на крајот ефектно да поентираш и поведеш 1-0. секунди пред крајот, за кратко и 2-0. Дали размислуваше дека борбата е завршена или дека можеби судиите ќе му помогнат на противникот? И, дали имаше сугестии за повлекување и избегнување директен контакт?
„Знаев дека може да бидат судиите на негова страна и во глава ми се вртеше мислата да не прифатам борба во последните секунди, но, ми се укажа шанса, бев сигурен и земав уште еден поен“.
Можеше ли да стигнеш до финалето? Ќе има ли реванш против Енес Гарибовиќ?
„Мислам дека можев да стигнам до финалето, малку згрешив на тактички план. Сигурно ќе има реванш со Гарибовиќ. Тој е борец од највисок ранг и во иднина сигурно пак ќе се сретнеме.
Кои се наредните цели?
„Наредни цели се Балканското првенство, Медитеранските игри и Европските универзитетски игри. Имаме исполнет распоред и се надевам на повеќе успеси годинава“.
ОВДЕ може да ги погледнете борбите на Петар Спасеновски и Вероника Костовска.
Петар Заборски: Не сакавме да работиме атрактивно и за публика, одлучивме да бидеме максимално концентрирани и рационални, успeавме да освоиме голем медал
Петар Заборски е дел од репрезентацијата, но и еден од клупските тренери на освојувачот на бронзениот медал на ЕП, Петар Спасеновски, со кого се подготвуваше и ја спремаше тактиката за европскиот шампионат и за клучната борба за бронзениот медал.
„За тактиката во сите борби имавме строги упатства, посебно за борбата со турскиот репрезентативец донесовме заедничка одлука, јас, главниот стратег на Макпетрол Бошко Заборски и Петар Спасеновски. Договорено беше да работиме техники на извлекување на противникот и веднаш да се даде одговор на рачна контра на нарушената дистанца на противничкиот напад кој требаше да заврши безуспешно, а ние да поентираме. Успеавме да го направиме тоа на два наврати и да обезбедиме медал. Не сакавме да работиме атрактивно и за публика, одлучивме да бидеме максимално концентрирани и рационални, успeавме да освоиме голем медал“, вели Петар Заборски и додава:
„Се плашев само од тоа што се бориме со домашен каратист од Турција, но Петар имаше огромна самодоверба и беше убеден дека ќе победи“.
За тоа дали Сапсеновски можеше да се бори во големото финале Заборски вели:
„Жалиме што не сме во финале, имаме квалитет искуство и подготвеност за поголеми резултати“.
Тој истакнува дека ваквите тактики многупати се вежбани на тренинзите во Макпетрол.
„Се што се изработи на ова Европско првенство е бесконечно повторувано на секојдневните тренинзи во нашиот клуб Макпетрол. Направивме контролни турнири, потоа повеќекратни еднонеделни подготовки со репрезентација на Црна Гора, ја подигавме формата на планот периодизацијата, интензитет и обем на работа е на стратегот Бошко Заборски, техничка реализација спроведување на програмата ја водев јас, како тренер за специфични делови од каратето, а за физичката подготвеност беше задолжен Иван Тиосављевиќ. Тоа е стручниот тим на Макпетрол кој се грижи да ги подготви спортистите и да не остави ништо на случајност. Многу сме задоволни и радосни, како спортски колектив ние секоја година на Македонија и носиме медали од европски првенства“.
Петар Спасеновски стана европски шампион до 21 година во Алборг-Шведска, а сега на 24 години го освојува и првиот европски медал во сениорска конкуренција.
Според Петар Заборски:
„Клучен момент беше првиот поен кој го освоивме со експлозивна правовремена и прецизно изработена рачна техника во пределот на главата, кизаме зуки! Омикена еднорачна техника која ја изработивме неочекувано од контра гард, противникот не успеа ни да трепне. Техниката беше школски изведена. Втората техника беше по договор, на притисок на противникот да одговори со контранапад, кој беше исто успешно реализиран.
Тоа се двата клучни моменти од борбата кои придонесоа да го зграпчиме медалот“.
Резултати Европско првенство:
-84 кг
Петар Спасеновски – Лука Ретенбахер (Австрија) 3-0
Петар Спасеновски – Мерис Муховиќ (Босна и Херцеговина) 1-0
Петар Спасеновски – Ибањез Сајнц-Торе (Шпанија) 3-2
Полуфинале
Петар Спасеновски – Енис Гарибовиќ (Хрватска) 0-3
За бронза
Петар Спасеновски – Оз Мурат (Турција) 2-0 (1-0, 2-0)