Петар Арсовски-најдобриот боксер за 2022: Целта ми е да бидам професионален боксер

Петар Арсовски минатата година го освои бронзениот медал на Европското првенство за млади во Софија, Бугарија, во категоријата до 54 килограми.

Со овој усепх младиот Петар се запиша во историјата на македонскиот бокс кој освоил медал на Европско првенство.

Ќе потсетиме дека првиот медал на европските првенства за Македонија е освоен пред 27 години од Прислав Димовски на ЕП во Турција 1995 година за кадети, бронза. Во истата конкуренција на ЕП во Битола 1997 година освоивме три медала – 1 златен и 2 бронзени. Фатон Салиху го освои златниот, а Дарко Чателски и Денис Георгиевски бронзените. Во 2020 година Ардијан Аземи во Будва, Црна Гора, го освои бронзениот медал во јуниорска конкуренција, прв за Македонија кај јуниорите.

Вели Мумин бронзи за сениори на ЕП 2006 во Истанбул и 2008 година во Ливерпул.

На ЕП учетсвуваа боксери од 39 држави со над 400 боксери и боксерки.

Овој успех му ги донесе признанијата „Најуспешен млад спортист“ во изборот за Најдобар спортист за 2022 година и „Најдобар боксер за 2022 година“.

Што значат наградите „Најуспешен млад спортист“ и „Најдобар боксер за 2022 година“?

-Наградите многу ми значат. Благодарен сум, меѓутоа и обврска да продолжам со поголема мотивираност за поголеми резултати. Спортскиот Оскар  кој го добив од АМС, како и пехарот за Најдобар боксер за 2022 година, секако, тоа се драгоцени награди.

Кој е патот до овие успеси?

-Едноставно кажано, многу пот, крв, пожртвуваност, се дел од оние физички напори за кој сите знаат, психичка подготвеност, одрекување од многу нешта што ги прават моите врсници.

Покрај овие репрезентативни настапи, имаш и настапи за Локомотив од Софија, каде што живееш и тренираш?

-Веќе петта година настапувам за клубот Локомотив од Софија, активно се натпреварувам во бугарската лига каде што неколкупати сум и првак.

Минатата 2022 година како младинец освоив двојна круна. Бев државен првак на Бугарија до 54 кг, а воедно го освоив и Купот на Бугарија во истата категорија.

Што значат условите за твојот тренажен процес во соседна Бугарија?

-Секако условите се битни за секој спортист, не само за боксер. Во соседна Бугарија имам одлични услови да се развивам како врвен спортист. Учам во спортско училиште во склоп на Локомотив, каде што тренирам два пати дневно. Исто така, целиот тренажен процес е под капата на докажани тренери. Неблагодарно е да правам паралела меѓу македонските боксерски клубови и клубовите од Бугарија. Таму боксот се чува како спорт кој носи резултати од големи натпреварувања.

Секако, тренажниот процес е навистина тежок, не успеваат сите, бидејќи и конкуренцијата е голема.

Годинава имаш настап на ЕП, повторно за младинци, кое ќе се одржи во Ерменија. Како ќе се подготовуваш за ЕП?

-Во моментов се наоѓам во предподготвителен период, потоа ќе следи подготвителен период, а за крај е натпревариувачкиот период. Времето е кратко и треба да се искористи рационално.

ЕП ќе биде на крајот на април, дотогаш ќе имам некои меѓународни турнири да ја проверам формата и да видам дали грешките се исчистени.

Веќе си длабоко навлезен во овој спорт. Која е твојата крајна цел?

-Мојата крајна цел е да бидам професионален боксер, доволно развиен да атакувам на некоја престижна титула.

Меѓутоа тоа се долгорочни планови. Моите вистински цели се повеќе краткорочни, за да можам да ги реализирам. Одам чекор по чекор.

Како го поминуваш слободното време?

-Мојот живот претежно е подреден на спортот, кога сум во Софија живеам во интернат и постојано сум во тренажен процес. Таму како и да немам слободно време. Кога ќе дојдам во Скопје ми останува време за дружење или летната пауза ја користам за одмор со друштво.

Кој ти е омилен боксер?

-Мани Пакијао.

Дали имаш рекреативни спортови?

-Секако. Скијањето е спорт кој го сакам, а летоска пливањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО