Никола Нацев: Очекувам медал и од СП во кик бокс!

 

Никола Нацев беше прогласен за најдобар кадет во Штип во 2017 година.


Има само 14 години. Член е на кик бокс клубот Гладијатор во Штип. Во годината што измина постигна неколку успешни резултати. Највреден му е успехот на ЕП за јуниори и кадети, каде го освои бронзениот медал во кик лајт. Државен првак е во истата категорија.


„Изминатата година го постигнав својот најголем успех кога стигнав до третото место и бронзениот медал на ЕП. Можев да бидам и европски шампион, ако не беше една моја невнимателност во финишот од решавачката средба. Но, не се разочарувам. Веќе во месец февруари ме очекува Европскиот куп во Карловац, Хрватска, а исто така и СП за кадети, кое не е познато каде ќе се одржи. Тренирам напорно под раководството на Шенол Асанов- Шеки и очекувам оваа година и медал од СП“, вели Никола Нацев, кој беше заедно со својот татко Стојанче.
Никола го изрази своето задоволство и од првото место на ранг листата на најдобрите кадети во Штип.

„Кик боксот е интересен спорт. Моја порака до младите е да го сакаат спортот , особено боречките спортови. Преку кик боксот младите можат да се афирмираат , но и државата. Јас му благодарам на тренерот Шенол Асанов за воспитната улога што ја пренесува на кик боксерите“, ни изјави Стојанче Нацев, татко на Никола.

Никола Нацев ја истакнува и поддршката што ја има и од вљубениците на овој спорт, Ванчо Чамушев и Кире Нацев кој живее во Германија. Треба да се истакне дека и таткото Стојанче го помага клубот,,кога патува на турнирите ширум нашата држава и во странство. Сепак, и државата треба да обезбеди стимулации за најдобрите кикбоксери.
Веруваме дека во иднина кик боксерите од Штип ќе се радуваат и на многу други медали од многуте првенства. Гаранција за тоа е и педагошката работа на тренерот Шенол Асанов, кој беше прогласен меѓу најдобрите тренери во Штип во минатата година. Поради службена зафатеност не присуствуваше на завчерашната свеченост кога се прогласуваа најдобрите спортисти на Штип.

Ipon.mk/К.М.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО