На Оливеира му прогнозираа живот во инвалидска количка, а тој е шампион во УФЦ

Во период од седум години на Чарлс Оливеира од Бразил му беше дијагностицирана тешка болест, односно состојба во имунолошкиот систем која ги напаѓа зглобовите и цело тело му е под притисок, а му прогнозираа и живот во инвалидска количка, но тој успеа да ги надмине сите проблеми и да стане шампион во УФЦ.

Неговата мајка Озана му била најголема поддршка во животот и не сакала да се помири со прогнозата на докторите.

„Докторот кажа дека нема да се движи повеќе, туку ќе остане во инвалидска количка. Ние кажавме дека тоа нема да прифатиме“, открива Озана.

Со помош на третмани и инекции на секои 15 дена, младиот Олиевиера успеал да застане на свои нозе, а на изненадување на многумина почнал и да игра фудбал со пријателите.

„Докторите ми кажаа дека не можам повеќе да спортувам. Сепак, јас им реков на моите родители дека подобро е да умрам, отколку да прекинам да се занимавам со спорт“, објаснува Олиевира.

Бразилецот се запознал со боречките спортови, а најпрво со џиу-џицу, по што се заљубил во спортот и добил стипендија во локална теретана.

Оливеира влезе во УФЦ во 2010 година, по што имаше долго патување од 28 борби за да го освои првиот трофеј во мај годинава со победата против Мајкл Чендлер во лесна категорија.

„Живеам во бразилска фавела, само во подобра куќа. Секогаш се обидувам да пронајдам подобри работи за нас, но живеам во заедница. Мислам дека мора да бидеме таму каде што се чувствуваме добро“, вели тој.

Бразилскиот борец исто така е голем хуманитарец и се обидува да им помогне на останатите луѓе на секаков начин.

„Знам од каде доаѓам. Се обидувам да помогнам на било кој начин. Земам пари и им купувам основни работи. Сакам кога ќе направам некои деца да бидат среќни“, кажа Бразилецот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО