Металург реагира на новиот Правилник на КФМ – многу пропусти и неусогласености

Карате клубот Металург од Скопје реагира во врска со Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија донесен на 19 јуни од страна на Извршниот одбор(ИО) на КФМ, нагласувајќи дека очигледно е донесен со брзање.

„Едноставно, вметнување во стариот Првилник на претходно одредени парцијално донесени решенија за избор на репрезентации за кадети/јуниори, односно сениори, без да се води сметка за нивно меѓусебно усогласување и усогласување со важечки одлуки на ИО на КФМ и како последица на тоа има повеќе пропусти, а дел од членовите не се добро формулирани, односно самиот правилник во одредени ситуации е нефункционален“, се вели во барањето на Металург до претседателот на КФМ Драган Стојановски и Извршниот одбор.

Од Европскиот шампион за региони забележуваат дека во член 2 став 2 од Правилникот стои дека тренерот на државната репрезентација за сениори во во борби и ката и тренерот на државната репрезентација за млади, кои учествуваат на Олимписки игри за сениори и млади, предлагаат стручен тим кој го избира Извршниот одбор на КФМ.

„Тренерите на државната репрезентација значи ќе учествуваат на Олимписки игри за сениори и млади и ќе избираат тим за работа. Со овој став целосно се девалвира трудот и работата на тренерите во клубовите, бидејќи, иако со својата стручност и напорна работа успеале да направат учесник на Oлимписки игри, немаат право истиот да го водат, што е спротивно и на укажувањата од Македонскиот олимписки комитет дека спортистот и неговиот тренер учествуваат на олимписките игри“, потенцираат од Металург и прелагаат:

„На тренерот на учесникот на Олимписките игри на предлог од тренерите на државните репрезентации му се обезбедува стручен тим (кој го избира ИО на КФМ) кој заедно со него ќе го подготвува кандидатот“.

Понатаму, во членот 3 од Правилникот непотребно е неопределен, сметаат од клубот, затоа што согласно член 37 од Статутот на КФМ ИО формира свои работни тела. Бидејќи мандатот на ИО на КФМ трае четири години (член 34 став 3 од Статутот на КФМ) следува дека и мандатот на тренерите на државната репрезентација треба да биде 4 години.

„Тренерите на државната репрезентација се избираат за период од 4 години. Во случај ИО на КФМ да оцени дека не е задоволен со нивната работа, со своја одлука може да ги разреши“, предлагаат од Металург.

Потоа се забележува дека во Правилник има три различни вредности на бодови за постигната победа и тоа: „Во член 8 после табела 1 став 2 за секоја добиена борба со противник (реална борба), на било кој натпревар определен во табелата, а кој се бодира за Европско првенство, се добиваат по 10 поени“.

Во член 8 по табела 2 став 2 натпреварувачите покрај напред наведени бодови за Светското првенство ги добиваат и следните бодови за секоја борба добиена со противник се добиваат по 4 бода постигнати на: „ За секоја добиена борба со противник на Државното првенство се добива по 8 бодови. Во член 9 по табела 1 точка 5 – секоја добиена борба се пресметува со плус 8 поени  од сите натпревари.

Поради ова се предлага да се направи измена и изедначување во Правилникот: „За секоја добиена борба да се добиваат 10 бода“.

Во член 8 табела 2 (која се применува за бодирање за Светско првенство е потенцирано дека стои под број 8 дека се добиваат бодови за постигнат резултат на Светско првенство што не е точно (член 8 став 3 „Сите натпреварувачи кои се кандидати во одредена категорија стартуваат под исти услови, без пренесување на бодови од претходната година“).

За да се отстрани оваа неправилност се предлага измена: „Да се избрише колона 8 во табела 2 во Правилникот“ и во членот 8 после табела 2 став 2 под точка 4 стои дека пласманските бодови на државно првенство ако нема една победа не се доделуваат; пласманските бодови се пресметуваат од добиените борби од критериумските натпревари: Државно првенство минимум една добиена борба со противник; во случај да има 1, 2, 3, 4 и 5 натпреварувачи во категорија може да се случи тие што имаат трето (3, 4 и 5 натпреварувачи) или второ место (2 и 3 натпреварувачи) да немаат победа, а со тоа и пласмански бодови, со што целиот систем на избор на репрезентативци се урива, бидејќи нема кој да го притиска тој што освоил прво односно второ место, така што Правилникот ја отстранува конкуренцијата уште по Државното првенство.

„Да се брише алинеата за Државното првенство во Правилникот“, предлагаат од клубот од Автокоманда.

Се истакнува дека во член 8, претпоследен став алинеа 2, кандидатите за репрезентација за Европското и Светското првенство се должни пред настапот по предлог на претседателот да направат антидопинг контрола согласно одредбите од Правилникот.

Од Металург предлагаат да се избрише текстот „по предлог на претседателот“.

Додека во врска со вреднувањето и наградувањето на стручната работа на тренерите од клубовите е нагласено дека се дискутирало на состанок одржан на 23 јануари минатата година на кој присуствувале претседателот, членови на ИО на КФМ, судиска комисија, од Факултетот за физичка култура, тренерите од најуспешните клубови. Од тој состанок е доставен и записникот со сите присутни на кој под точка 9 од записникот на предлог од претседателот Драган Стојановски е усвоен предлогот:

„Во поглед на наградувањето на тренерите претседателот предложи соодносот да биде 80 проценти за тренерот на натпреварувачот, а 20 отсто за тренерот на државната репрезентација“.

Предлогот бил едногласно усвоен, врз основа на што 1 февруари 2016 година е донесен Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија.

Во Правилникот (член 1) се менува и дополнува Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија донесен од страна на КФМ на ден 28.02.2013 година и тоа во член 5 се вели дека во член 30 се додава нов став, кој гласи: Кога се дава награда на репрезентативец за постигнат резултати, во тој случај се наградуваат и тренерите со сооднос 80 проценти за тренерот на натпреварувачот и 20 отсто за тренерот на државната репрезентација.

Членот 6 нагласува дека Правилникот влегува во сила 8 ден од неговото донесување и објавување.

„Овој став за награда на тренерите чии репрезентативци постигнале врвен меѓународен резултат го нема во новиот Правилник односно тоа е уште едно омаловажување од страна на КФМ на клубските тренери. Предлагаме да се направи измена: „Да се врати овој став во Правилникот“. Во спротивно која е целта на учество на состаноци кога вака едногласно договорен заклучок на предлог од претседателот подржан од сите тренери не се почитува“, прашува претседателот на Металург, Снежана Сиљановска.

Правилник за избор на репрезентативци на КФМ.

 

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО