Маурицио Руа – Шогун и Гловер Тешеира конечно ќе се соочат

Поранешните шампиони на УФЦ, Маурицио Руа – Шогун и Гловер Тешеира, конечно ќе се соочат, иако надвор од октагонот.
Тие ќе се сретнат на главниот настан на Spaten Fight Night 3 на 29 август во Сао Паоло, каде што ќе се борат во боксерски меч во осум рунди по хибридни парвила, дозволувајќи нокаути.
Иако УФЦ размислуваше за таква борба од 2012 година, таа никогаш не се случи. Според Шогун, тоа се покажа како најдобар можен развој на настаните.
„Навистина мислев дека еден ден ќе се борам со Гловер во УФЦ. Но, сега го правиме тоа во Спатен, настан кој веќе стана најголем во Бразил. На крајот, можеби е подобро што не се случи во УФЦ, но што се случува сега. Тоа е нешто ново за фановите. Секој што го следи MMA знае дека ова е борба што луѓето сакаа да ја видат. Па мислам дека на овој начин испадна уште подобро“, изјави Руа за ММА фајтинг.
Легендарниот Бразилец повторно ги коментираше за причините зошто не прифатил борба против Тешеира пред 14 години.
„Во тоа време, Гловер дури и не беше рангиран, а јас бев во Топ 5 на УФЦ. Дана Вајт ми рече дека ако ја добијам следната борба, ќе добијам уште една шанса за титулата. Тогаш да го победев Гловер, веројатно немаше да стигнам до борба за титулата. Па мојот тим одлучи дека не е вистинско време. Под други околности, дефинитивно ќе прифатевме“.
Интересно е што двајцата го напуштија УФЦ на истата гала во јануари 2023 година. Тешеира го загуби шампионскиот појас од Џамал Хил, а Шогун претрпе пораз од Игор Потерја.
Руа признава дека претстојната борба би можела да биде неговото вистинско збогување со боречките спортови.
„Ова е можност повторно да ги облечам ракавиците и конечно да го имам мојот проштален натпревар“, рече тој, без дефинитивно да потврди дека ова ќе биде неговиот последен настап.



