Кличко: Победата на Усик ќе биде како ракетно гориво за нашиот народ

Легендите Витали и Владимир Кличко му дадоа целосна поддршка на Александар Усик и неговата одлука да го напушти фронтот за да ги започне подготовките за реваншот со Ентони Џошуа. Светскиот шампион во тешка категорија на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО го напушти Киев, каде беше дел од украинската армија која го бранеше главниот град од руската инвазија. Тој ќе го започне кампот за вториот меч со Еј Џеј кој се очекува да се одржи на лето.

Според браќата Кличко, одлуката на Усик може да се протолкува како исклучително мудра, бидејќи евентуален нов успех би го мобилизирал народот и би ја зголемил самодовербата. Сето тоа во позадина на повеќе од едномесечно одбранбено дејствување во војната што ја започна Русија на 24 февруари.

„Ваков настан може да испрати исклучително важна порака до сите луѓе. Не знаеме дали тогаш ќе бидеме живи. Но, имам планови да разговарам со Усик и да му дадам совет како да продолжи со мечот“, изјави градоначалникот на Киев, Витали Кличко.

Неговиот брат Владимир додаде: „Усик донесе тешка одлука. Но, неговата победа ќе биде како ракетно гориво за нашиот народ. Гледањето на подигнатото украинско знаме и интонирањето на нашата химна во негова чест може да предизвика исклучително позитивни емоции и да го подигне расположението на сите. Ни треба поддршка и секој зрак надеж е добредојден“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО