Кличко и Џошуа си бираат судии

Штабовите на Владимир Кличко и Ентони Џошуа во моментов преговараат за изборот на судии за нивната средба. Мечот е на 29 април на стадионот „Вембли“, а сите 90.000 билети се продадени уште пред еден месец.

Според информациите на британските медиуми во координација со Боксерскиот контролен совет, направен е список од 10 судии. Во него не фигурираат судии од Велика Британија, Русија, Украина и Германија. Целта е да се ангажираат професионалци кои имаат максимална независност и од двете страни.

Самиот Кличко најави дека тоа е најважниот меч во неговата кариера, која се приближува кон својот крај. Неодамна наврши 41 година, Украинецот е убеден дека може да се справи со доста помладиот шампион на ИБФ. Пред некој ден, пак, шампионот на Меѓународната боксерска федерација, изјави дека очекува да ја нокаутира легендата.

„Во принцип не сум суеверен и не верувам во разни претчувства. Имам чувство дека сепак ќе го нокаутирам. Штом ќе ми се створи можност и ќе го пресретнам со многу тежок удар. Сепак, тоа нема да биде така брзо, бидејќи Кличко е исклучително искусен. Треба да ја демнам шансата“, категоричен беше 29-годишниот Британец.

На овој меч во залог се става и титулата на Светската боксерска асоцијација, а победникот ќе биде обврзан да се бори со Кубрат Пулев за појасот на ИБФ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО