Изборот на вистинското спортско училиште за вашето дете дефинитивно едно од најважните прашања и треба да го сфатите многу сериозно. Тука не влегува фактот дека детето е талентирано само за одредени спортови и толку. Непрофесионалноста на клубот или спортското училиште продуцира и непрофесионално работење, може да има и сериозни последици врз вашето дете.
Затоа при изборот на спортски клуб треба да обрнете внимание на следните работи:
1.Доколку сте во можност разговарајте со некој чие дете веќе вежба во одреден клуб. Прашајте го колку се задоволни, што им се допаѓа а што не им се допаѓа таму (ако сте во можност со повеќе подобро);
2.Разговарајте со стручните лица од тој клуб (тренер(и)от/те)и не двоумете се да прашате се што ве интересира. Стручно лице (тренер) кој нема трпение да разговара со вас, нема да има трпение ни за вашето дете;
3.Потоа распрашајте се за посветеноста, професионализмот на тренерите, нивното искуство, како и успесите кои ги постигнале;
4.Проверете дали спортскиот клуб е овластен за дејноста на тој спорт, дали е член на матична федерација и, најважно, дали има управа или станува збор за „човек клуб“;
5.Задолжително направете проверка дали во клубот работат стручни лица со соодветно образование од областа на спортот или соодветни лиценци за работа;
6.Задолжително присуствувајте и гледајте еден тренинг. На тој начин сами ќе си донесете заклучоци:
-како и колку внимание им се посветува на децата и дополнително дали тоа се прави со уживање и љубов кон спортот;
-дали согласно бројот на членови има доволен број на стручни лица (тренери, асистенти) кои се грижат, пред се за безбедноста на децата, а потоа дали го задржуваат вниманието и дисциплината на децата;
– прашајте дали е возможно пред официјалното запишување вашето дете да направи неколку тест тренинзи со цел да има увид прво дали ќе се пронајде во соодветниот спорт, а потоа и во новата средина, пристапот на членовите и стручните лица и слично, при што на овој начин ќе ги избегнете првичните трошоци за регистрација и слично во ситуации кога вашето дете не би било заинтересирано за тој спорт;
-потоа побарајте информации за термини за тренинзи (за да знаете дали ви одговараат временските периоди), финасиските трошоци за членство, како и дали ве очекуваат дополнителни финасиски трошоци за спортска опрема со која се вежба соодветниот спорт (дресови, тренерки, патики, кимона, појаси и слично). На овој начин нема да бидете доведени во ситуација, доколку не би можеле да ги поднесете сите овие трошоци, да треба да го испишувате вашето дете од спортскиот клуб. Статистички гледано не е мал број на деца кои го напуштиле спортот поради овие причини. (Вистинските спортски огранизации, клубови и тренери на кои, пак, сте му ги предочиле овие причини, искрено и навремено нема да дозволат да се случи тоа).
-потоа обрнете добро внимание на објектот во кој се врши тренажниот процес, секој чист, добро осветлен, проветрен и добро опремен спортски објект претставува одраз на сериозна работа на спортскиот клуб;
-следно што треба да направите е да се распрашате колку време работи клубот на тоа место (спортски објект). Зошто? Заради тоа што има спортски клубови кои често ги менуваат местата за тренинг од различни причини и се поставува прашањето дали вие ќе можете да ги следите постојано тие промени (оддалеченост од место на живеење);
-проверете го фактот дали во рамките на спортскиот клуб програмата за работа е адаптирана по возрасни категории, заради специфичноста на методите за работа со различни возрасни категории на деца;
-на крај, доколку се одлучите вашето дете да почне да вежба и сте во можност лично да му набавите нова спортска опрема за соодветниот спорт, немојте да вложувате во многу скапа спортска опрема која одговара за таа спортска дисциплина, бидејќи не знаете дали вашето дете по одредено време се уште ќе сака да ја практикува таа спортска дисциплина или од различни причини ќе прекине.
7.Покрај ставот и пристапот на родителите кон децата, пристапот на стручните лица – тренерите и нивната работа во клубот се од најголемо значење за спортскиот развој кај децата. Имајте во предвид дека тој може да биде позитивен или негативен и да остави позитивни или негативни последици за вашето дете!
Професионалните и вистинските клубови и стручни лица кои работат таму би го објавиле ова со цел да им дадат можност и пристап на сите родители и заинтерсирани да носат зрели одлуки лично за себе и за своите деца.
Пишува:
м-р Дејан Мицкоски – џудо тренер 2 дан во ЏК Сеишин