Александар Усик ги именуваше двајцата фаворити за неговиот последен меч

Непоразениот поранешен апсолутен светски шампион во тешка категорија, Александар Усик, ги откри двајцата најверојатни противници за последниот боксерски меч во неговата кариера.
Украинецот изјави дека сака да ја заврши професионалната кариера со борба против големо име, не исклучувајќи ја можноста ова да се случи под покровителство на новата боксерска организација Зуфа бокс.
„Ми треба големо име. Сега е тука Зуфа. Можно е Дана Вајт и неговата екселенција да ми дадат понуда. Зошто да не? Мојот последен танц ќе биде во САД, можеби на стадион во Њујорк. Мора да биде големо име“, рече Усик во интервју за Јутјуб каналот Дејли меил бокс.
Кога го прашаа кого има на ум, Украинецот именуваше двајца ривали.
„Кого го мислам како таков? Алчниот дебел човек“, рече Усик со насмевка, мислејќи на Тајсон Фјури. „И Дионтеј Вајлдер. Да, тие двајца се кандидати за мојата последна борба“.
38-годишниот Усик веќе го победи Тајсон Фјури двапати, но евентуалната трета борба меѓу двајцата би предизвикала огромен интерес кај љубителите на боксот. Другата опција е судир со поранешниот шампион на ВБЦ, Дионтеј Вајлдер, кој со години е меѓу најопасните нокаутери во тешка категорија.



