Холифилд ги поддржа и се помоли за браќата Кличко и за сите во Украина (ВИДЕО)

Ивандер Холифилд, единствениот боксер во историјата на професионалниот бокс кој ја освоил апсолутната титула и во полутешка и во тешка категорија, им даде поддршка на легендите на спортот – браќата Кличко и остатокот од Украина во воениот конфликт со Русија.

Боксерот кој годинава ќе наполни 60 години, се појави со маица на поранешните украински доминатори во најтешката категорија во овој спорт со натпис: „Остануваме и се бориме“.

„Се молам за мир за моите браќа во бокс Владимир и Витали Кличко, нивните семејства и целиот народ на Украина. Нека помине оваа бура наскоро и на сите да им се вратат мирот, љубовта и среќата во името на Исус“, напиша Холифилд на својот Инстаграм профил, додавајќи и видео порака.

Неодамна стана извесно дека две од големите легенди на светскиот бокс од блиското минато – браќата Витали и Владимир Кличко – се најдоа на списокот за атентати. Актуелниот градоначалник на Киев и неговиот помлад брат ѝ се придружија на украинската армија во обид да помогнат да се спречи руската инвазија на земјата.

Според британски „Тајмс“, тоа ги направило примарна цел за ликвидација на тајната листа на рускиот претседател Владимир Путин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО