Фјури би можел да има проблеми против Усик поради ова: Исекотината не зарасна како што треба

Британскиот тешкаш Тајсон Фјури се враќа во рингот на 18 мај во меч за апсолутниот светски шампион против Украинецот Александар Усик.

А нивниот меч требаше да се одржи на 17 февруари, но борбата беше одложена откако Фјури се повреди при спаринг против Агрон Смакиќи.

Кралот на Ромите се здоби со расекотина над десното око и мораше да го откаже настапот две недели пред настанот.

Семи Морис, експерт за повреди во боречки спортови, вклучувајќи го и боксот, истакнува дека има големи шанси повторно да се отвори резот на шампионот на ВБЦ.

Имено, Фјури во 2019 година на меч против Ото Валин доби две исеченици на истото место.

„Ако ова веќе се случило еднаш, а резот повторно се отворил на истото место по пет години, тогаш тоа значи дека не зараснал како што треба. Сега тоа е местото на двоен рез“, рече Семи Морис и продолжи:

„Двапати беше исечен на исто место, ова само докажува дека и по пет години повредата не е добро зарасната. Дури и ако се врати во рингот по сто дена, што е основната препорака, бидејќи верувате дека повредата е санирана, Фјури ризикува повторно да го отвори резот против Усик“.

Семи Морис предупредува дека повторното отворање на исeкотината може да влијае и на борбата и на продолжувањето на кариерата на Фјури.

„Со возраста, кожата ја губи својата еластичност и колагенот одоздола, па затоа е многу полесно да се исечете. Фјури има 35 години и му треба речиси двојно повеќе време за да ја залечи повредата од некој во 20-тите години. Ако му се отвори резот, може да има проблеми“, истакна Семи Морис и подвлече:

„Тој е свесен за тоа и се надевам дека нема да паничи. Верувам дека ќе си го заштити окото затоа што Усик дефинитивно прво ќе го таргетира. Фјури обично ги држи рацете ниско, но мислам дека нема да ја има таа тактика против Усик. Ќе се погрижи за добра одбрана“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО