Филип Хрговиќ и Кинезот Жилеи Жанг ќе се борат на настанот кој го предводи мечот меѓу Усик и Џошуа

Хрватскиот тешкаш Филип Хрговиќ и Кинезот Жилеи Жанг ќе се борат на 20 август во Џеда, Саудиска Арабија, на големиот боксерски спектакл што го предводи мечот меѓу Александр Усик и Ентони Џошуа во кој Украинецот ќе ги брани шампионските појаси на ВБА, ИБФ и ВБО во тешка категорија.

Покрај Хрговиќ и Жанг, на програмата на отворањето на боксерскиот спектакл треба да се најдат и Калум Смит против Матје Баудерлик, а Баду Џек против Ричард Ривера.

Хрговиќ повеќе од еден месец тренира во Хјустон, каде со новиот тренер Рони Шилдс се подготвува за тој меч.

„Тренерот од мене бара други работи. Работиме многу на лев директ, а претходно не го користев многу. Повеќе се фокусирав на некои други сегменти. Во спарингот бара од мене многу да размислувам за одбраната. Штом добијам посилен удар, спарингот не е добар“, изјави Филип Хрговиќ за РТЛ и додаде:

„Работам многу напорно, не само на овој камп, туку со години. Ова е шансата што ја чекав. Нема простор за возбудувања и некакви планови по оваа борба. Ќе покажам што знам во таа борба“.

Хрговиќ на почетокот на мај требаше да боксира против Кинезот во елиминаторот за предизвикувачот на ИБФ во тешка категорија, но потоа ја откажа борбата поради смртта на неговиот татко. Сега доби нова шанса.

„Сигурно е добро што борбата е на „андеркартата“ Усик-Џошуа, бидејќи тоа ќе го следи целиот свет. Тоа е можност да се покажам во најдобро светло. Тоа е можност сите да ме видат на дело. Ако победам, ќе станам задолжителен предизвикувач за титулата во ИБФ и ќе можам да се борам со победникот од мечот Усик-Џошуа. Се надевам дека наскоро ќе ја добијам мојата шанса“, подвлече Филип Хрговиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО