АктуелноБоксПрофесионален

Џозеф Паркер сака да се бори против стариот ривал и тоа на настанот предводен од Усик и Дубоа

Новозеландскиот тешкаш Џозеф Паркер во февруари требаше да се бори против шампионот на ИБФ, Даниел Дубоа, но два дена пред настанот Британецот се откажа поради болест.

Мартин Баколе влезе како замена за Паркер. 33-годишниот борач од Оукленд го заврши Конгоанецот со прекин во втората рунда за да ја одбрани привремена титула на ВБО.

ВБО соопшти дека Паркер, како привремен шампион на нивната организација, е главен кандидат за потенцијална борба против победникот од борбата меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа.

Тие на 19 јули на Вембли ќе се борат за титулата во тешка категорија. Украинецот ги носи титулите на ВБА (Супер), ВБЦ и ВБО, додека Британецот ќе ја заложи титулата на ИБФ.

Но, Паркер сака да остане активен, а неодамна предложи борба против Дерек Чисора и таа да биде на програмата на големиот лондонски спектакл предводен од Усик и Дубоа следниот месец.

„Би сакал да се вратам во рингот што е можно поскоро. Усик и Дубоа се борат на 19 јули, би било одлично ако може да бидам на програмата на тој настан. Квинсбери го предложи тоа и тоа би било навистина убаво“, рече Џозеф Паркер и додаде:

„Противник? Не сум сигурен. Појасите моментално се зафатени. Усик и Дубоа ги имаат појасите, не е важно кој ќе победи. Не знам дали имаат клаузули за реванш во нивните договори. А би можел да се борам со секого, да речеме Дерек Чисора, кој ја бара својата 50-та борба. Не сум сигурен дали ќе се бори за некоја титула. Знам дека го победив двапати, но никогаш не сум имал трилогија во мојата кариера. Би било одлично да се борам со Дерек, тој меч би можел да ме преокупира“.

Паркер се бореше со Чисора двапати во 2021 година, победувајќи го двапати со одлука на судиите. Новозеланѓанецот, исто така, спомена потенцијална борба со Дилиен Вајт, кој го победи во јули 2018 година.

„Тука е и Дилиен Вајт. Фабио Вордли се бори против Јустис Хуни. Има многу опции. Знам дека и Мартин Баколе сака реванш“, истакна Џозеф Паркер и подвлече:

„Но, сепак мислам дека би било одлично да се борам на настан чиј главен лик е борбата Усик-Дубоа. Ќе се борам со секого, Дерек Чисора е секогаш заинтересиран. Тој е секогаш подготвен за тоа, има одлична база на фанови и ја бара својата 50-та борба. После таа борба, ќе го барам победникот од борбата Усик-Дубоа. Не ме интересира кога ќе се случи, дали е 2025 или 2026 година. Зависи што ќе се случи со појасите, дали ќе бидат обединети и ќе имаат реванш или повторно ќе бидат одвоени. Тешко е да се зборува за тоа засега“.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON