Тајсон Фјури и Дионтеј Вајлдер договорија реванш меч за само неколку дена. Кралот на Ромите ќе го брани шампионскиот појас на ВБЦ против Бронзениот бомбардер на 24 јули во Лас Вегас. Така, боксерската јавност остана без долго најавуваниот дуел за обединување на боксерските титули меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури.
Во меѓувреме, промоторот на Џошуа, Еди Херн тргна во потрага по нов противник за шампионот на ИБФ, ВБА и ВБО. Се поверојатно е дека Ентони Џошуа ќе боксира против предизвикувачот на ВБО, Александар Усик.
Имено, од Островот доаѓа веста дека договорот е близу, а местото на средбата веќе е познато – стадионот на Тотенхем во Лондон.
Стадионот на Спарс прима 62.000 гледачи, но прашање е дали ќе се дозволи максимален број посетители поради епидемиолошки мерки.
Датумот сè уште не е познат, но според достапните информации, борбата треба да се одржи во првата половина на септември.
Промоторот на Фјури, Боб Арум пред неколку недели изјави дека Тајсон и Ентони можат да се борат во рингот на есен, а тие избраа предвремен термин за мечот против Вајлдер
Но, дали Џошуа ќе биде подготвен за тој меч? Борбата за апсолутен светски шампион сега е во втор план, Фјури и Џошуа треба прво да се справат со Вајлдер, односно со Усик.