Честитки: Дејане, шампионе, ти си нашиот олимписки херој!

Успешниот настап и освоениот сребрен медал на таеквондистот Дејан Георгиевски на Летните олимписки игри во Токио на Фејсбук му го честиташе претседателот Стево Пендаровски.

„Сребрениот вреден како злато. Дејан, ти си нашиот олимписки херој. Твојот успех е историски за Македонија“, напиша шефот на државата.

На својот фејсбук-профил успехот на македонскиот олимпиец му го честиташе и министерот за натрешни работи Оливер Спасовски, кој напиша дека со освоеното сребро Георгиевски и донел на државата голема радост и чест.

„Одличен настап кој ќе продолжи да ги инспирира генерациите во иднина да вложуваат во спортот, да целат кон највисоките врвови и да го обединуваат нашиот народ со бројни победи“, напиша министерот Спасовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека ова е историски резултат и дека заслужни за успехот на Георгиевски се и браќата Дарко и Борче Костовски кои, како што вели, „во Дејан гледаа и заеднички направија шампион“.

„Дејане, шампионе, донесе радост на Македонија. Вака се сака и брани црвено жолтата, со чест, со одлучност и достоинство. Денес таеквондо Бутел се радува, Македонија може да слави“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

И премиерот Зоран Заев го честиташе историскиот успех за младиот Дејан Георгиевски.

„Од сѐ срце им честитам на Дејан и на неговиот тим, коишто успешно се изборија за заслужениот медал. Нека овој успех биде поттик за сите, дека со љубов, истрајност и напорна работа, успесите се неминовни“, напиша премиерот Зоран Заев.

Дваесет и двегодишниот Дејан Георгиевски попладнево освои сребрен медал на ЛОИ Токио 2020 откако по голема борба во финалето во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО