Борче Костовски: Го постигнавме најголемиот успех на балканските првенства, но можевме уште повеќе! Годинава очекуваме уште успеси!

Таеквондо репрезентацијата на Македонија го постигнаа најголемиот успех на балканските првенства во Букурешт – Романија, освојувајќи вкупно 18 медали – 4 златни, 5 сребрени и 9, при што сениорска конкуренција се освоени 7 – 3 златни, 3 сребрени и 1 бронзен, во јуниорска 1 сребрен и 4 бронзени, во кадетска 1 сребрен и 3 бронзени и во пионерска 1 златен и 1`бронзен.

По повод големиот успех на Балканското првенство разговаравме со селекторот на репрезентацијата и претседател на Македонската таеквондо федерцаија (МТФ), Борче Костовски, како и за плановите и очекувањата во овој олимписки циклус.

Македонската репрезентација имаше рекорден настап на Балканското првенство во Романија, освојувајќи 18 медали во сите категории, но оние најсјајните беа во сениорска конкуренција. Што значи тоа за македонското таеквондо?

-Ова беше најуспешен настап на нашата репрезентација на едно Балканско првенство. Ако само пред неколку години за нас, како репрезентативен тим, беше успех да поминеме едно или две кола, сега веќе сме респектабилна сила на Балканот. Во сите старосни категории имавме успеси, но највпечатлива е онаа во сениорскиот дел. Сепак, сениорите се тие што се вистински носители во којбило спорт. Оваа година речиси од вкупно 7 машки сениорски категории во 4 имаме златни медали. Велам четири затоа што и сребрениот медал на Филип Додевски е со златен сјај, бидејќи многу малку фалеше и тој да освои злато. Со ова покажавме доминација на Балканот во најтешката конкуренција – сениорската, што секако е за голем поздрав, но исто така е и голем показател дека македоснкото олимписко таеквондо има сериозен сениорски тим. Секако, тоа е најважно за еден спорт, доколку атакуваме на врвни остварувања.

Колку сте задоволни од поединечните настапи?

-Да бидам искрен, очекував подобар резултат и медали, особено од сениорите Иван Крстевски И Христијан Спасовски, па јуниорите Марко Аврамовски, Филип Стаменов, Дамјан Трајчевски и Ива Поповска, како и неколкумина други. Со ова сакам да истакнам дека нашиот репрезентативен тим во Букурешт отпатува навистина со голем број на квалитетни борци и секако можевме уште повеќе.

Што воочивте кај репрезентативците? Што треба да се поправа или работи во периодот што следи?

-Треба да се продолжи со работа, со многу работа, ова е олимписки спорт кој бара многу. Сметам, дека покрај останатото, многу е важно уште да работиме на менување на менталитетот на македонскиот спортист. Исклучиво треба да одиме на победа! И само на победа! На добар пат сме.

Што ја очекува нашата репрезентација до крајот на годината и на што ќе биде ставен акцентот на овие натпреварувања?

-Идните планови за националниот тим се Г-1 турнирите и Европско првенство за У-21 во Полска во средината на ноември. Тоа се најголемите настани за годинава организирани од Европската таеквондо унија на кои доколку сакаме врвен спорт мораме да земеме учество со најдобрите репрезентативци. Секако, веќе покажавме дека и на овие високо класни настани одиме по медали, не гледам зошто тоа да не биде така и овој пат.

Анамарија Георгиевска ќе патува на младинските Олимписки игри во Аргентина. Може ли да очекуваме медал олимписки медал со оглед на нејзините настапи на СП и Г-1 турнирите?

-Анамарија Георгиевска со своите настапи во 2017 И 2018 година покажа дека е млад спортист од врвна класа, а третото место на јуниорското Светско првенство во Тунис го потврди тоа. Според нејзините резуптати реално е да се очекува медал на Олимписките игри за млади во Буенос Аирес, Аргентина. Анамарија во моментов е во сериозна фаза на тренинг камп, каде што максимално се подготвува за овој голем настан од кој се надеваме дека ќе донесеме многу радост за Македонија.

Какви се плановите за олимпискиот кандидат Дејан Георгиевски за остварување на олимписка норма?

-Секогаш кога е во прашање Дејан тука се и нашите највисоки планови. Тој е еден од најдобрите на планетава во овој олимписки спорт. Постигнатите резултати говорат што можеме да очекуваме од еден ваков врвен спортист. Во текот на годинава Дејан ќе има четири до пет настапи на Г-1 турнири во Европа и настап на Европското првенство за млади сениори (У-21) во Полска. Но, најголем е фокусот на Светското сениорско првенство во Манчестер идната година и секако Европските олимписки игри во Минск, Белорусија, истотака наредната година во летниот период. Ова се турнири кои носат бодови за остваруване на олимписката норма на Дејан, која е реална и се надеваме дека ќе ја оствариме.

Во летниот период се посветивте на камповско работење. Колку тоа придонесе за подобрување на формата и техничко-тактичките перформанси на нашите натпреварувачи?

-Да бидам искрен, летово не се прибравме дома, но тоа е жртвата која мора да се даде за врвни резултати. Учествувавме на три кампа, еден кај нас и два надвор од Македонија. Спарингувањето со квалитетни противници од надвор е многу важно, пред се за тактичката форма на еден борец. Сметам дека камповите значително придонесуваат во целиов процес.

Се очекува ли некое големо име да дојде во Македонија?

-Имаме план на одреден период да донесеме некое големо име во овој спорт за дополнително да и помогне на македоснките таеквондисти, но засега немаме ништо конкретно, доколку имаме ќе ве известиме навреме.

Освојувачи на медали на Балканското првенство во Романија:
Сениори
-Дејан Георгиевски – златен медал
-Марко Стевиќ  – златен медал
-Костадин Георгиевски  – златен медал
-Филип Додевски – сребрен медал
-Елена Трајановска сребрен медал
-Јована Костенцовска сребрен медал
-Ивона Давиткова -бронзен медал

Јуниори
-Анамарија Георгиевска сребрен медал
-Василија Јовчевски бронзен медал
-Милијана Релиќ – бронзен медал
-Викторија Радомировска – бронзен медал
-Ања Пеиќ – бронзен медал

Кадети
-Фросина Раевска – сребрен медал
Стефан Јовановски – бронзен медал
-Александра Крстиќ бронзен медал
-Јана Георгиева – бронзен медал

Пионери
-Филип Блажевски – златен медал
-Ангеловски Александар – бронзен медал

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО