Андреа Нисева шампион со олимписки потенцијал: Ќе и овозможиме ли да ги брани боите на Македонија?!

БК Олимпија од Штип е феномен на македонската боречка сцена кој настана со издвојувањето на поранешни борачи и функционери на БК Балканец. За кратко време привлекува и анимира млади момчиња и девојчиња да тренираат борење. Откако добро се поставија организациски, дојдоа и првите резултати. Но, по еден несакан инцидент во Скопје, клубот остана надвор од системот на натпреварувања на БФРСМ, бидејќи беше суспендиран. А тоа тоа е така до денес, иако велат дека дел од пречките се отстранети за нивната суспензија.

Сепак, најталентираната борачка е во Олимпија. Андреа Нисева минатата година освои бронзен медал на Европското првенство во Капошвар, Унгарија, во У-15. Две години беше балкански шампион во Букурешт-Романија и Серес, Грција. За жал, тие медали се освоени за Бугарија, бидејќи не беше во можност да ги покаже квалитетите во родната земја.

Од клубот истакнуваат дека имаат 40 борач, но дека поголем дел од нив се регистрирани за други клубови каде што имаат запазени резултати.

Во БК Вардар се: Александар Миланов, Александар Марковски, Анастасија Трајчева, Стефан Засков и Даниел Манов; во БК Чаир настапуваат Лука Николов, Леон Стојанов и Филип Тодоров и во Асеновград, Бугарија, се Андреа Нисева и Марија Нисева.

Во поранешна Југославија фудбалерите ги викаа „европски Бразилци“, бидедјќи слободно можеше да настапуваат во странство, по 28 години, а потоа оваа граница се симна. Олимпија е расадник на борачи кои, не по нивна желба, настапуваат во други клубови.

Сите овие борачи учат во Штип, излегуваат во родниот град, одат на кино, родендени и сè друго што е поврзано со општествено-социјалниот живот, но не можат да ги повикаат најблиските да навиваат за нив на домашен терен.

Според стручниот штаб на Олимпија, Андреа Нисева е олимписки кандидат, која би требало да дебитира на Олимпијадата во 2028 година. Само прашање е на која држава ќе ги брани боите. Ако не им се даде шанса од татковината, таму каде што живее и учи, тогаш е оправдано да бара место/ држава која ќе и овозможи да си го оствари сонот. За секој нејзин успех ќе честитаме, но ќе го стегаме срцето, бидејќи медалот нема да е за Македонија.

Таеквондистот Дејан Георгеивски ги помести границите за учеството на Олимписките игри и докажа дека со работа може да се оствари олимписка норма, ама и да се донесе медал, а не да се радуваме само на спортистите од соседството колку медали освоиле на ОИ.

Сетете се само каков беше пречекот на Дејан, исполнет со многу емоции. Ама, тоа е така затоа што тој беше меѓу своите сограѓани, другари, роднини, познаници, љубители на спортот …

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО