Обединети до историскиот успех на македонското карате на Светското универзитетско првенство во Бразилија

Македонската универзитетска репрезентација во карате постигна историски резултат на Светското универзитетско првенство во боречки спортови во Бразилија-Бразил.
Со освојувањето на златен, сребрен и два бронзени медали, Македонија се позиционира во генерален пласман на 4 -то место, како една од најуспешните нации на овој престижен настан одржан од 8 до 13 јуни 2026 година.
Македонските спортисти ја потврдија својата доминација и високата конкурентност на меѓународната спортска сцена.
Златниот медал на Вукашин Јовановиќ во категоријата до 67 килограми претставува врв на македонското учество на Светското универзитетско првенство во боречки спортови во Бразилија. Јовановиќ, кој настапува за КК Макпетрол, покажа извонредна зрелост во финалната борба против Амин Абделмалки од Белгија.

Иако регуларниот дел заврши со резултат 2-2, судиското изјаснување од 3-2 му ја донесе титулата светски универзитетски шампион. Неговиот пат до златото беше обележан со доминантни победи во групната фаза и елиминациите, вклучувајќи ги дуелите со:
Мартин Асерето од Чиле (7-0)
Хосеин Вафа од Иран (5-5)
Сирапат Чимвонг од Тајланд (3-0)
Кабело Заморан Шоте од Шпанија (8-0)
Хосеин Вафа од Иран (8-4) (во полуфиналето)

Младиот каратист на Макпетрол рангиран е на 4-то место во Топ 10 најуспешни спортисти на светското првенство во Бразилија, со два освоени медали еден златен и еден сребрен медал.
Покрај индивидуалниот успех на Јовановиќ, македонската репрезентација предводена од селекторот Бошко Заборски и тренерот на репрезентацијата Петар Заборски оствари значајни резултати во екипна конкуренција. Машката репрезентација во кумите се закити со сребрен медал, откако во полуфиналето ја совлада силната селекција на Турција со 3-1, додека во финалето загуби од Шпанија.

Женската селекција го освои бронзениот медал, оствари победи со Австралија и Чиле, потврдувајќи го континуитетот на квалитет во македонското карате. Овие резултати се постигнати во конкуренција на околу 1.500 спортисти од 46 земји, што дополнително ја зголемува тежината на освоените одличја.

Успешната серија на македонскиот тим ја отвори Стефан Стојановиќ, кој исто така е член на КК Макпетрол, освојувајќи бронзен медал во категоријата над 84 килограми. Неговиот успех беше клучен за подигнување на моралот на целата експедиција, која броеше 10 каратисти од пет различни универзитети.
Оваа генерација спортисти докажа дека систематската работа и дисциплината се клучни фактори за успех на највисоко светско ниво.

Настапот во Бразилија ја истакнува важноста на универзитетскиот спорт како мост меѓу академското образование и врвните спортски достигнувања. Успехот на македонските студенти-спортисти не е случаен, туку резултат на долгогодишна работа во клубовите, како што се Макпетрол, Штип, Цветан Димов, Куштрими и Арена. Инвестицијата во овие млади луѓе се покажа како стратешки исправна за македонскиот спорт.
Селекторот Бошко Заборски истакна дека овој резултат е потврда за конкурентноста на македонските каратисти на светско ниво. Освоените медали, светската титула и тимските пласмани меѓу најдобрите во светот претставуваат еден од најголемите успеси во историјата на универзитетскиот спорт во Македонија. Но, можеби уште повредна од самите медали беше пораката што ја испрати оваа генерација спортисти. Во составот на репрезентацијата имаше каратисти Македонци и Албанци, момчиња и девојки од различни средини, обединети околу една цел – да ја претставуваат Македонија на најдобар можен начин. Под македонското знаме тие покажаа дека успехот нема етничка, верска или политичка припадност. На татамито настапуваа како еден тим, како една репрезентација и како едно семејство. Токму затоа овој успех има многу поголемо значење од освоените медали.

Оваа селекција покажа како треба да изгледа претставувањето на Македонија во светот – преку знаење, квалитет, меѓусебна почит, единство и заедничка борба за државните бои. Во време кога општеството често се дели по различни основи, овие спортисти покажаа дека најсилни сме кога сме заедно. Тие не освоија само медали, туку и почит, и станаа пример како се гради успешна и обединета Македонија.


Рудине Алиу – бронзен медал екипно, Греса Мустафиу-бронзен медал екипно



