Бронза за Стефан Стојановиќ на Светското универзитетско првенство во карате

Македонската универзитетска карате репрезентација го освои првиот медал уште на првиот натпреварувачки ден од Светското универзитетско првенство во Бразилија. Најзаслужен за тоа е Стефан Стојановиќ во категоријата +84 кг, кој прикажа одлични борби и уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот светски врв.
Стојановиќ беше на чекор до финалето, но во полуфиналната пресметка претрпе пораз во последните секунди од мечот, пропуштајќи голема можност да се бори за златниот медал. Сепак, освоеното одличје претставува значаен успех за македонскиот универзитетски спорт и силен поттик за продолжението на шампионатот.

Од друга страна, најголемата спортска драма ја доживеа Викторија Јовановска во категоријата -68 кг. По серија квалитетни настапи, таа во борбата за бронзен медал беше поразена од претставничката на Иран со минимални 5-4.
Резултатот говори дека нијанси го решиле победникот, а Јовановска остана без заслужено одличје и покрај борбеноста и квалитетниот настап. Токму ваквите порази најмногу болат, бидејќи разликата меѓу медал и пласман останува само еден поен.Добар впечаток остави и дебитантот во репрезентацијата Греса Мустафаи.
Со освоениот прв медал и неколкуте пласмани во завршницата, Македонија покажа дека има каратисти способни да се носат со најсилната светска студентска конкуренција. Очекувањата остануваат високи и во преостанатите денови од шампионатот.

За време на елиминациите и на свеченото дефиле на отварањето на Светското универзитетско првенство во Бразилија, со нашите репрезентативци беше и нашиот амбасадор во Бразил, Игор Попов и првиот секретар во македонската амбасада Маријан Бартон.

Резултати Светско универзитетско првенство:
+84 кг Група 4
Стефан Стојановиќ – Фин Малиска (Германија) 5-0
Стефан Стојановиќ – Кадир Фуркан Генч (Турција) 6-5
Стефан Стојановиќ – Беласли Набил (Франција) 2-1
Полуфинале
Стефан Стојановиќ – Кадир Фуркан Генч (Турција) 2-4
61 кг
Викторија Јовановска – Иман Еја (Белгија) 3-2
Викторија Јовановска – Марлене Линдштед (Германија) 5-0
Викториа Јовановска – Ноурсобни Фарноуш (Иран) 4-5
+68 кг Група 1
Греса Мустафаи – Ирене Фернандез Перез (Шпанија) 0-8
Греса Мустафаи – Валентина Софија Флорес Колиманке 3-1 (Чиле)
Греса Мустафаи – Изабел Лили Висер (Јужна Африка) 7-0
Греса Мустафаи – Махбоб Башари (Иран) 0-5
Денес настапуваат уште пет каратисти , а во среда се екипните борби, додека во четврток се мечевите за медали.
На шампионатот учествуваат 1.500 студенти-спортисти од 50 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот.



